Најмалку осум лица загинаа кога ураганот Грејс вчера го погоди брегот на Мексиканскиот Залив, носејќи со себе обилни врнежи од дожд, што предизвика големи поплави и предизвика лизгање на земјиштето.

Грејс го погоди Мексико како ураган од трета категорија, според скалата Сафир-Симпсон од пет категории.

Ураганските ветрови достигнаа сила од 201 километар на час во моментот кога Грејс го погоди брегот во близина на одморалиштето Теколутла, во сојузната држава Веракруз.

Според властите, осум лица загинале, од кои шест се членови на исто семејство.

Сите жртви, освен една, се пријавени во Чалапи, главниот град на Веракруз, вклучувајќи го и девојчето кое починало кога нејзината куќа беше уништена во свлечиште, соопшти владата.

Гувернерот на Веракруз, Квитлавак Гарсија на прес -конференција изјави дека едно возрасно лице загинало при уривање на покривот од неговата куќа во градот Поза Рика, на северот од оваа сојузна држава, пренесуваат британските медиуми.

-Вонредната состојба се уште не е помината, нагласи тој.

Раководството на меѓународниот аеродром во Мексико Сити откажа неколку летови поради ураганот, а државната електродистрибуција соопшти дека околу 565.000 домови останале без електрична енергија.