Најмалку 5 милиони евра годишно граѓаните ќе ги чини зголемувањето на платите на функционерите, пресметало Министерството за финансии. Висок извор од Министерството за финансии за ТВ Сител, покачување ќе добиеле помеѓу 500 и 600 функционери, иако ниту Антикорупциската комисија не можеше да пресмета колку избрани и именувани функционери има во државата.
Според извори од Министерството, укинувањето на двата члена од Законот е практично усогласување со закон, бидејќи основицата 11 години била замрзната. Ставот е дека доколку двата члена кои ги укина Уставниот суд не биле донесени, по природен пат, платите на функционерите веќе би биле на ниво на новото покачување.
И додека функционерите веќе чекаат да им легнат повисоките плати за речиси 80%, владејачката партија се уште ја очекува анализата на Владата дали треба да се намали коефициентот на пресметка.
-Ние како пратеничка група ќе разговараме со останатите со останатите пратенички групи во рамките на Собранието. Секако, ќе ја почекаме и одлуката на владата која, какошто знаете, размислува во однос на коефициентот за пресметка на платите на функционерите. Мислам дека малку се шпекулира со процентот од 78%, дека тоа е преголем процент и дека покачувањето на функционерите нема да биде во тој износ, вели пратничката од СДСМ, Лидија Тасева.
Опозицијата и денеска реагира. Велат, СДСМ донесе највисока стапка на инфлација во регионот и Европа, повеќе криминал, но не заборави да си ги зголеми платите.
– Ковачевски додека замрзнува цени на макарони, и залажува со квази мерки на мала врата ќе си ја зголеми платата за 78%, како за него, така и за неговите министри и функционери, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
На 21 минатиот месец, Уставниот суд донесе одлука со која ги укина двата члена од Законот кои ја држеа основицата за пресметување на платите на функционерите на ниво од околу 26.000 денари. Со сегашната основица, од над 46.000 денари најголемо покачување на платата ќе добие претседателот на државата и тоа од 72.500 денари. Платите на премиерот и министрите ќе скокнат за 50.000 денари, а зголемување ќе добијат и пратениците кои од сегашните 60.000 денари ќе добиваат нето плата повисока од нешто над 100.000 денари.