На прашањето „за која партија ќе гласате на наредните избори“, повеќе од 43 отсто од гласачите одговориле дека нема да гласаат, дека не знаат за кого ќе гласаат или дека ќе го поништат ливчето.
Од определените во убедливо водство е ВМРО-ДПМНЕ (22%), 11,5% од испитаниците рекле дека ќе гласаат за СДСМ, за ДУИ 9,2 отсто, за Левица 5 %, Алијанса за Албанците 3,5 отсто…, покажуваат резултатите на анкетата на МКД.мк спроведена од агенцијата Маркет вижн од 5 до 16 јуни.
Приближно две третини или 60,9% од испитаниците немаат доверба во ниту еден лидер на политичка партија на македонската политичка сцена. Додека од оние кои се изјасниле, во Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, доверба имаат 12%, во Димитар Ковачевски 6,1%, Али Ахмети 5,9%, во Димитар Апасиев 3,7%, во Никола Груевски 2,9% од испитаниците…
За разлика од анкетата во февруари, Мицкоски има благ раст (од 11% на 12%) во популарноста меѓу гласачите, а Ковачевски пад – од 8,2 на 6,1 отсто. Раст во овој период бележи и популарноста на Ахмети – од 5,1 на 5,9 отсто.
Интересно е и тоа што поранешниот лидер на Алијанса за Албанците Зијадин Села има поголем рејтинг (1,2%) од актуелниот претседател на партијата Арбен Таравари (0,9%). Освен тоа, на оваа анкета за првпат се појавува и името на Максим Димитровски (1,0%), градоначалник на Куманово кој најавува основање на ново политичко движење.
Ако се соберат процентите на популарноста на партиите на Албанците во Македонија (ДУИ, Алијанса за Албанците, Беса, Алтернатива и ДПА) таа бројка е многу поголема од рејтингот на СДСМ (16:11).
Споредено со февруарската анкета, ВМРО-ДПМНЕ бележи раст за нешто повеќе од еден процент, СДСМ пад за 0,9%, популарноста на ДУИ, Левица и Беса растат…
Повеќе од половина или 56,8% од испитаниците би излегле да гласаат доколку утре се одржат избори.
Дали според вас формирањето на коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ би било добро за Македонија и дали мислите дека коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ би можела да функционира успешно?
Половина од испитаниците или 51,9% сметаат дека формирање на коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ би било добро за Македонија, додека само 30,7% веруваат дека истата би можела да функционира успешно.
За гласачите на ВМРО-ДПМНЕ, најмалку прифатлива опција е коалицијата на нивната партија со ДУИ, при што дури 70,7% се изјасниле против оваа можност.
Според етничката припадност за ВМРО-ДПМНЕ освен Македонците би гласале и Србите и Турците и Ромите и Власите…, но не и Албанциуте.
За СДСМ освен Македонците, би гласале и Албанци и Роми и Срби и Турци.
Анкетирањето беше спроведено од 5 до 16 јуни 2023 година со употреба на CATI метода – телефонско анкетирање со помош на компјутер на примерок од 1.200 испитаници со ниво на статистичка грешка од 3% и интервал на доверба од 95%. Примерокот е репрезентативен на ниво на Македонија според регион, пол, возраст и етничка припадност според податоците за резидентното население од пописот 2021 година.