На менито на калифорниските кафулиња „Клач кофи Ростерс“ од неодамна може да се најде и најскапото кафе на светот, по цена од 75 долари за филџан.

Се работи за ексклузивното кафе „Елида Нејчурал Гејша 803“, кое се продава во Сан Франциско и другите градови каде што брендот има свои ограноци. Бројот 803, всушност, се однесува на рекордната цена (803 долари), платена за фунта органско зрнесто кафе на аукција во Панама.

Поради ограничената понуда, изби вистинска војна во наддавањето за ретката „Арабика“ од Панама која има цветен вкус, нешто налик јасмин. Во продажба биле само 100 фунти т.е. 45 килограми од тоа кафе, а најголем дел заврши во Јапонија, Кина и Тајван.

Според интернет-станицата на „Клач“, тие купиле 4,5 килограми, што е доволно за 80 филџани кафе.