Интернет порталот „Buzzfeed News” во Германија,  објави топ листа на лажни вести, кои имале најмногу интеракција на Фејсбук. На врвот се вестите за канцеларката Ангела Меркел и за бегалците.

Меѓу осумте „најуспешни” лажни вести во 2018 година, води статија од веб-страницата регистрирана во Русија наречена Anonymousnews.ru, која генерирала 148.000 интеракции поврзани со Фејсбук.

Насловот на таа лажна вест беше: „Државата на Харем му плаќа 7.500 евра месечно: Сириец со две жени и осум деца во Германија“.

Неколку медиумски групи кои се занимаваат со верификација на фактите откриваат дека веста е лажна, но тоа не  спречи нејзино ширење.

Само германскиот весник „Зидојче цајтунг” имаше напис со поголема интеракција на Фејсбук оваа година – тоа не им успеа дури и на германските весници со најголеми тиражи како Билд, Шпигел, Фокус, Велт или Штерн.

Патем, сајтот Anonymousnews.ru не е поврзан со интернет движењето Анонимус.

Втора на врвот листа е лажна вест под наслов: „Бегалците, според Меркел, мора да имаат приоритет во социјалната заштита“. Тоа беше објавено на Blog.Halle-Leaks.de и имаше 125.000 интеракции.

Следи лажната вест: „Клаудија Рот: Забраната за алкохол треба да биде во сила за Рамазан”, која ја објави псевдо-сатиричниот портал Berliner-Express.com и која има интеракција од 91.000.

Инаку, окружните одбори на популистичката партија Алтернатива за Германија (AfD) и неонацистичката НПД, како и поранешата политичарка од ЦДУ, Ерика Штрајнбах, како што објавија Buzzfeed, се најважните преносители на лажни вести од Германија на Фејсбук.

-Нашето истражување, заклучи Buzzfeed, покажува дека статии што шират лаги на Фејсбук може да бидат поуспешни од сериозните вести. Ова ја поткрепува тезата дека промените што ги воведе Фејсбук во т.н. Newsfeed на ниту еден начин не им наштети на медиумите што шират лажни вести. Освен тоа, промените им дадоа придобивки на таквите медиуми.

Истиот резултат беше постигнат во голема анализа на институтот „МЕЕДИА”, кој испитуваше околу 1.500 страници на Фејсбук од најголемите, најреномираните медиуми. Анализирано е дека промените во алгоритмите на Фејсбук влијаеле врз интеракцијата и: резултатите се поразителни.

Се покажа дека самопрогласените „алтернативни медиуми”, оние кои особено ги сакаат десничарските кругови, скоро не забележаа никакви промени, додека промената на алгоритмите на Фејсбук имаше негативно влијание врз добро познатите информативни медиуми.