Од денеска ќе отпочнат градежните и инсталатерски работи на наплатната станица Глумово на автопатот Скопје – Тетово, а подоцна месецов ќе почне реконструкција и на наплатната станица Желино.
Градежните работи и реконструкцијата, предвидено е да звршат во рок од шест месеци, соопштија од Јавното претпријатие за државни патишта.
При извршувањето на градежните работи, како што е најавено, наплатната станица Глумово ќе биде во делумна функција и сообраќајот ќе се одвива со времен режим одобрен од МВР и од Министерството за транспорт и врски. Од ЈП за државни патишта апелираат на одговорно учество во сообраќајот и на почитување на времениот режим.
Инаку, потсетуваат од Државни патишта, реконструкцијата се инвестира преку заем од ЕБОР во вредност од 948.261,21 EUR. Изведувач на работите е конзорциумот Аселсан Жикол, а надзор е Институтот за патишта, Дооел Велес. Кон крајот на месец октомври ќе отпочне реконструкцијата и на наплатна станица Желино.
Власта постојано ветува изградба на автопати, а во изминативе 6-7 години не успеа да го заврши ни веќе почнатиот автопат Кичево – Охрид. Во меѓувреме одиграа еден чочек на готовиот автопат од Демир Капија кон Гевгелија, изградија една наплатна станица на готовиот автопат Скопје – Штип, а сега ветуваат дека годишно ќе граделе по 23 км автопати во земјава.