Руските власти денеска ги обвинија САД дека стојат зад нападот со дронови врз Кремљ, на што Вашингтон одговори дека не е вмешан, ниту имал сознанија дека ќе биде изведен, пишуваат светските медиуми.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека Украина само ги спроведува американските планови и ја обвини Америка дека стои зад вчерашниот напад, кој, како што вели, имал за цел да го убие рускиот претседател Владимир Путин, пишува ТАСС

Портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, изјави дека од почетокот на конфликтот, САД „не ја охрабриле ниту ја овластиле Украина да изврши напади надвор од нејзините граници“. Жан-Пјер рече дека САД „не можат да ја потврдат автентичноста“ на руските тврдења за украинскиот напад врз Москва.

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден не знаеше за претстојниот напад со беспилотни летала врз Кремљ, изјавиле четворица американски функционери кои не сакале да бидат објавени нивните имиња, пишува бриселскиот портал Политико.

Еден од официјалните лица изјави дека „доколку го извела Украина, Белата куќа немаше претходно знаење“ и дека се уште работи на потврда дали нападот бил нарачан од Киев и извршен од непријателска проукраинска група или се работи за руска „операција под лажно знаме“.

Песков денеска речи дека изјавите на украинските и американските власти дека не биле вклучени во нападот на Кремљ изгледаат „апсолутно смешни“.

„Обидите да се натераат Киев и Вашингтон да се откажат од тоа се апсолутно смешни. Добро знаеме дека одлуките за таквите акции не се носат во Киев, туку во Вашингтон“, рече тој.