Најмалку пет лица се повредени во напад со нож што се случи во близина на плоштадот Дам во Амстердам, соопшти полицијата.

Според првичните информации, една личност е уапсена, но мотивите за нападот сè уште не се познати.

Локалните медиуми јавуваат дека полицијата го блокирала подрачјето околу улицата Синт Николаштрат и самиот плоштад Дам. На снимките објавени на социјалните мрежи се гледа како хеликоптер слетува на плоштадот, додека повредените лица се пренесуваат во болница.

Нападот се случил нешто пред 15:30 часот по локално време. Според весникот De Telegraaf, на местото на настанот пристигнале најмалку 14 полициски возила и еден полицаец на мотор во рок од 15 минути.

Плоштадот Дам е едно од најпосетуваните места во холандската престолнина, лоциран во историското јадро на Амстердам и опкружен со знаменитости како што е Кралската палата.

МИА