Најмалку пет луѓе загинаа, а повеќе од сто се повредени во ракетните напади од Појасот Газа врз јужниот и централниот дел на Израел.
Палестинските екстремисти од Појасот Газа денеска истрелаа илјадници ракети врз Израел, а Хамас најави почеток на нова операција. Ракетниот истрел траеше повеќе од три и пол часа.
Израелската армија прогласи воена готовност и почна да го напаѓа Појасот Газа. Израелските противпожарни и спасувачки служби прогласија највисоко ниво на тревога.
Воениот командант на Хамас, Мухамед Ал-Деиф изјави дека цел на нападот биле непријателски позиции, аеродроми и воени позиции, тој тврди дека се истрелани 5.000 ракети.
Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант изјави дека Хамас со нападот врз Израел направил „сериозна грешка“.
– Хамас направи сериозна грешка утрово и започна војна против државата Израел. Војниците на Израелските одбранбени сили(ИДФ) се борат против непријателот. Израел ќе победи во оваа војна, посочи Галант.
Во меѓувреме, во џамиите во палестинскиот бегалски камп Шуфат во Ерусалим од минарињата се слушаат повици до жителите да се приклучат на нападот на Хамас, јавуваат израелските медиуми.
Телевизиските канали блиски до Хамас објавија снимки од повиците и прославите во Наблус на окупираниот Западен Брег.