Агресивно куче кое го нема во евиденцијата на заловени и третирани кучиња скитници во Куманово, нападнало три деца ученици од кумановското основно училиште „Крсте Мисирков“, потврдија денеска од секторот за инспекциски надзор од општина Куманово и од ветеринарно сточарскиот центар „Тодор Велков“ кои се задолжени за третман на кучиња скитници.
Освен учениците кои во тој момент биле на одмор нападнати се и возрасни лица, соопштија очевидци кои кажаа дека кучето се движело на „Народна Револуција“. Кучето е заловено и префрлено во прифатилиште на „Тодор Велков“.
– По дојавите, кучето е седирано и заложено. Во моментов е префрлено во прифатилиштето. По нашите проверки во присуство на овластен ветеринарен инспектор од Агенција за храна и ветеринарство за општина Куманово и на комунален редат од општината, кучето не е евидентирано како куче скитник. Ова куче најверојатно е посегнато и му се исечени ушите, изјави директорот на ВСЦ „Тодор Велков“.
И од секторот за инспекциски надзор велат дека веднаш интервенирале по дојава на граѓани.
– Повеќе сограѓани побара помош да се залови агресивното куче кое во тој момент се движело помеѓу основното училиште и гимназијата. Веднаш интервениравме, податоците се доставени до „Тодор Велков“. Тоа куче е заловено. Инспектор за храна и ветерина направи записник, констатирано е дека кучето е агресивно, изјави раководителот на секторот, Бобан Бојковски.
В.Д. директорот на „Крсте Мисирков“, Филип Колевски рече дека инцидентот се случил на голем одмор на триесетина метри надвор од училиштето.
– Според информациите, нападнати се три наши ученика, двајца шестоодделенци, еден деветоодделеец. Се слушнав со родителите, дадена им е помош на хирургија, децата се исплашени. Тука заради наши други мерки реагирала и дежурната полиција како и вработени од „Чистота и Зеленило“ кои го набркале кучето, како и соседи. Според и кажувања на очевидци, кучето напаѓало и возрасни луѓе, а било агресивно и кон кучињата скитници, изјави Колевски.
Од СВР Куманово го потврдуваат случајот и работат на целосно расчистување.
Од кумановскиот сектор за инспекциски надзор најавија поинтензивна контрола во близина на училиштата и градинките.