Напредуваат градежните работи за изградба на црковниот комплекс „Св.Пантелејмон“ на планината Голак. Комплексот минатата година почна да се гради на иницијатива на ктиторот Мите Стојковски, кој информираше дека половина од работата на надворешниот дел на градбата е завршена.
– Градежните работи за изградба на црковниот објект „Св.Пантелејмон“ кој го започнавме во јуни минатата година е во својата втора фаза од изградба. Црковниот комплекс се гради по стар начин на градење, со градежни материјали од камен отпорен на големи студови. Изградбата ќе продолжи додека дозволуваат временските услови, информира Стојковски.
Ктиторот посочи дека заради подобра заштита, објектот во текот на зимата ќе биде конзервиран со што градбата ќе биде заштитена од зимските ниски температури.
-Според планираното предвидено е новиот црковен комплекс на Голак да располага со камбанарија, соба за крштевање и конаци со цел црквата да остане да им служи на верниците кои ќе го посетуваат Голак, додаде ктиторот.
Тој очекува дека со изградбата на црквата ќе се даде придонес за развој на туризмот на делчевската планинска убавица.