Судија на претходна постапка, од Кривичниот суд – Скопје, издаде наредба до надлежната полициска станица за спровод на Мухамет Зекири, кој денеска објави дека дава неотповиклива оставка од позицијата генерален секретар на Владата на Република Македонија.
– По добивање на предлогот, во Законски предвидениот рок судија на претходна постапка, согласно одредбите од ЗКП издаде наредба до надлежната ПС за спровод на осомничениот и тоа на единствената адреса посочена во предлогот. Откако, осомничениот ќе биде изведен пред судијата и ќе се произнесе во однос на предлогот на Јавниот обвинител ќе биде изготвено решение за кое странките и јавноста ќе бидат благовремено известени, велат од Кривичен суд – Скопје.
Основното јавно за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор против Мухамет Зекири заради постоење основано сомнение за сотрено кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување.
Зекири, кој сега е генерален секретар на Владата на Димитар Ковачевски, беше близок партиски другар и пријател и висок функционер и во времето додека беше премиер Зоран Заев.