Ја почитувам одлуката на Мухамед Зекири да се повлече од функцијата. Тоа е акт на политичка одговорност. Владата во најскоро време ќе започне постапка за избор на нов генерален секретар, изјави за МИА премиерот Димитар Ковачевски.

-Очекувам целосно транспарентна и независна постапка од Обвинителството и судските органи и целосно почитување на пресумцијата на невиност. Владата во најскоро време ќе започне постапка за избор на нов генерален секретар, изјави Ковачевски.

Генералниот секретар Зекири денеска на својот фејсбук профил објави дека поднесува неотповиклива оставка од функцијата, откако утрово Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување истражна постапка против двајца хрватски државјани и висок функционер во Владата во својство на службено лице, осомничен дека сторил кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.

Обвинителката Вилма Рускоска денеска изјави дека предметот за истрагата за проневера која е покрената против генералниот секретар на Владата Мухамед Зекири и уште двајца хрватски државјани, Обивнителството за организиран криминал го добило во втората половина на 2021 година.

– Истрагата се водеше од Министерството за внатрешни работи, а Обвинителството го доби случајот во втората половина на 2021 година. Од тогаш, надлежниот обвинител издаде повеќе наредби за собирање докази и во текот на вчерашниот ден стигна и последното известување, по што надлежниот обвинител донесе наредба за спроведување истрага и предлог за определување мерка притвор за осомничените. По таа мерка, Судот ќе одреди како ќе постапува понатаму. Имаме податок за тоа каде се парите. Осомничените хрватските државјани, според нашите информации, не се наоѓаат во државава, но ние ќе стапиме во контакт со колегите од Хрватска, ќе ги доставиме доказите до нив, па доколкку се согласат да го преземат гонењето, нивното понатамошно процесуирање ќе биде во Хрватска, појаснува Рускоска.