Високи политички структури на власта вршат притисок завчерашниот случај кога навивачките групи скандираа патриотски слогани при положувањето на цвеќе на гробот на Гоце Делчев да завршат со кривични пријави, објави порталот Инфомакс.
Насоката, како што е објавено, е дојдена од самиот врв на политичката партија на власт, а задачата била доверена на високи полициски структури во Бирото за јавна безбедност.
Извори од владејачката партија брифираат дека револтот кај вицепремиерката Радмила Шекеринска бил голем, а разочараноста од фијаското што го доживеа на настанот беше видлива и тоа било причина да се инсистира овој чин да заврши со казни.
Неофицијалните информации говорат дека во јавното обвинителство немало расположение за постапување по овој случај, но и таму притисокот за казнување по секоја цена се зголемувал.
На завчерашниот настан кој се одржа во црквата Свети Спас во моментот кога цвеќе положуваше вицепремиерката и министерка за одбрана Шекеринска, навивачките групи скандираа „Никогаш северна, само Македонија“.
Фотографиите кои беа објавени на Фејсбук страната на Шекеринска предизвикаа стотици коментари од страна на граѓаните кои застанаа на страна на навивачките групи.
– Намерно провоцираш. Не мораш да ставаш цвеќе на нешто во што не веруваш. Во занесот на веќе трета деценија твоја себеобземеност, мислиш дека си поголема од тој што почива таму. Разликата е што тој свесно го жртвувал својот живот за да можеш ти да не слегуваш од државни функции, медиумски и бизнис простор. Не мораш и да се потсмеваш, да му ставаш цвеќиња плукајќи со своите постапки на неговата жртвa. Би ти кажала засрами се, ама знам дека е за џабе“, гласи еден од коментарите под постот на Фејсбук.
Засега нема коментар од страна на навивачките групи за намерата на власта овој чин да заврши со кривична пријава по секоја цена.