Во канцеларијата на Народниот правобранител на денот на предвремените парламентарни избори во периодот од 7:00 до 21:00 часот ќе функционира беслатната телефонска линија: 0800-54321, на која граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на избирачкото право.

Од прес-службата на Народниот правобранител соопштија дека отворени за граѓаните ќе бидат сите седум канцеларии на Народниот правобранител и тоа во Скопје, Битола, Кичево, Куманово, Струмица, Тетово и Штип, со цел да им се помогне во остварувањето и заштитата на нивните избирачки права.

Покрај на бесплатната линија, граѓаните ќе можат за заштита на своите права да се јават и на следниве телефонски броеви: Тетово: 044 344-082, Струмица: 034 329- 996, Кичево: 045 228-586, Битола: 047 242-310, Штип: 032 389-701 и Куманово: 031 431-488.

– Народниот правобранител, правата на граѓаните ќе ги штити со преземање на итни мерки за ефективно постапување од странa на надлежните органи во изборниот процес и другите институции кои се должни да им обезбедат заштита на нивните загарантирани права, соопштија од прес-службата.

Народниот правобранител потенцира дека избирачкото право е уставно загарантирано како еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање и дека никој не смее да биде повикан на одговорност заради остварување на ова право, а повредата на слободата на определување на избирачите и другите повреди на избирачкото право се казниви дела.

Народниот правобранител апелира до сите чинители во изборниот процес да ги почитуваат здравствените протоколи утврдени за начинот на гласање.