Народниот правобранител и годинава добива поплаки за начинот на одвивање на наставата на почетокот на учебната година. Годинава почна подобро, донесени се протоколи за спроведување на наставата да биде безбедна, но тешко е да се реализираат тие протоколи.
Едно е на хартија, друго е во практика, изјави заменик народниот правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа за Утрински Брифинг.
Како главни поплаки што ги добиваат ги издвои долготрајното носење маски, одржувањето хигиена и неможноста да се контролираат децата да внимаваат на протоколите.
Учениците, како што додава, се деконцентрирани бидејќи часовите траат предолго за да можат за сето време да ги носат маските.
– Тоа предизвикува деконцентрација, а кај помалите ученици родителите имаат проблем да ги натераат да одат на училиште и да следат настава под вакви услови. Оттука, нашата препорака до МОН е да се скратат часовите, како и да им се дозволи на директорите самите да ги организираат часовите онака како што налагаат нивните можности, посочи Бајрамовска-Мистафа.
Народниот правобранител го повикува Министерството за образование и наука да појдат на терен и да проверат како стојат состојбите во помалите места.
– Според наши сознанија, ретко каде во малите места се почитуваат протоколите, рече Бајрамовска-Мустафа, додавајќи дека МОН би требало сериозно да ги сфати препораките од Народниот правобранител бидејќи се произлезени од увид на терен и разговори со засегнатите страни.