Правење листурници (лисници)
Во времето кога се чувале кози, односно се до уништувањето на козите, во педесеттите години на минатиот век, во Дебарца, како и во други краишта на Македонија се правеле листурници, некои ги викале и лисници.
Бидејќи немало доволно ливади и сено, сувите лисја од дабовата шума за козите, но и за другиот добиток претставувале важен извор за исхрана.
Додека жените оделе в планина, на шума, ја пееле песната:
Турчин робинки тераше,
низ таја гора зелена,
низ таја Стара Планина.
Најнапред Мара одеше,
со машко дете на раце,
ситна роса цепеше.
Турчин е Маре велеше:
-Фрли го, Маре, детето,
не можаш напред да одиш,
ситнана роса да цепиш
Та не го фрли на земи,
туку го кладе на дапче,
и тажна песна запеа:
-Лулај, ми, лулај, Дамјанче,
кога ќе роса зароси,
да тебе ќе те искапи,
кога ќе стадо поминит,
да тебе ќе те надои,
да тебе ќе те залулат.
Ставањето на детето на дабовите гранки, по се изгледа води потекло од старите култови, кога човечки жртви се принесувале на светите дабови дрвја. Тој елемент секако има сооодветни врски со собирањето на шумата во планинските предели. Мотивот со одведувањето робинки, веројатно е надоврзан како реалитет, од периодот на турското ропство.
Главен обреден момент од собирањето на шумата, претставува правењето листурници. На некоја чистинка или некој прелог, во планината се редел висок стожер и околу него се редела шумата во вид на стог од сено. Пред да почне да се прави првиот листрурник крај стожерот се редело в крпче врзано сол од солиштето, на кое се крмеле стадата и се врзувале уште неколку глуждови на крпчето.
Тогаш домаќинката или некоја постара жена гатала: „Како што е јадат солта козите и овците, така да е јадат и шумата. Колку глуждој на наврзоков, толку години да трајт шумава.“ Кога ќе почнела да се реди шумата на листирникот се пеела песнава:
Ори Стојно, бела Стојно,
стог стори се на планина,
заличи ги падиниве,
падиниве, рудиниве,
Ори Стојно, бела Стојно,
глок ти скина кошулчето,
бисер срона чекутчето,
ветер зеде тулбенчето,
витка снага овчарчето.
Тогаш се пеела и песната:
Отиде Донка, отиде,
отде в гора зелена.
да денит шума зелена.
Шумата се берела во лето, додека дабовите лисја се зелени и сочни. Шумата се редела во круг, но врвот на гранката се ставал кон средината, односно кон стежерот, а дрвениот дел кон надвор. Така листовите се покривале од една гранка со друга и останати во внатрешноста останувале зелени.
Песните сврзани со собирањето шума го одразуваат карактерот на овој вид работа, изразен со извонредни паралелизми и чувства, сред прекрасните убавини на бујните планини.
Според книгата; Дебарца, обреди, магии и обредни песни, од д-р Наум Целакоски, Скопје 1984 г.(Подготви Марко Китевски)