Годинава ќе ја завршиме со раст од 1,9 отсто и инфлација од 9,5 отсто, истакна гувернерката на Народната банка (НБ) Анита Ангеловска Бежоска при денешната презентација на Кварталниот извештај со есенските макроекономски проекции на централната банка.

За наредната година, како што кажа на денешната прес-конференција, НБ предвидува раст од 3 отсто и инфлација од 3,5 до 4 отсто, а на среден рок за 2025 и 2026 година се предвидува раст од 4 отсто и инфлација од околу 2 отсто.

Според неа, општо земено, макроекономската слика во поглед на патеката на економскиот раст и на забавувањето на инфлацијата за целиот период на проекциите не се многу променети во однос на априлскиот циклус. Од друга страна, екстерната позиција на домашната економија се оценува како значително поповолна во споредба со претходната проекција, со помал притисок врз тековната сметка, посебно годинава, и со солидни финансиски приливи, што ќе овозможи задржување на соодветното ниво на девизните резерви на среден рок.

-Клучните ризици за основното макроекономско сценарио се слични на оние од априлските проекции, при што ризиците од надворешното окружување, и на краток, и на среден рок, и натаму се неповолни. Во овој контекст, неопходно е следење и на политиките кои влијаат врз агрегатната побарувачка во домашната економија, рече Ангеловска Бежоска.

Како што истакна, макроекономската слика за периодот 2023 ‒ 2026 година во овој циклус проекции не е значително променета, во споредба со проекциите од април.

-Во однос на растот, и натаму се очекува умерено забавување во 2023 година и негово постепено засилување во следниот период. Сепак, во услови на малку понеповолно надворешно окружување, на краток рок, закрепнувањето на економијата е малку послабо од претходните очекувања, посочи Ангеловска Бежоска.

Нагласи дека се очекува во 2023 година економскиот раст умерено да забави и да се сведе на 1,9 отсто, додека, како што кажа, со подобрувањето на надворешниот амбиент и спроведувањето на јавниот инфраструктурен циклус во земјава, растот би забрзал искачувајќи се до 3 отсто во 2024 година.

На среден рок, додаде, се очекува натамошно закрепнување, односно раст од околу 4 отсто, под услов да нема позначителни шокови.

-Во поглед на  структурата на растот, за 2023 година се очекува позитивен придонес од нето-извозот и од домашната побарувачка, додека за следните две години се очекува дека растот ќе произлезе од домашната побарувачка, со најголем позитивен придонес од бруто-инвестициите, заради засилената изведба на капиталните инфраструктурни проекти поврзани со изградбата на патните коридори и приватните домашни и странски инвестиции, посочи Ангеловска Бежоска.

Инфлацијата, како што рече, и натаму ќе се намалува и на среден рок ќе се сведе на историскиот просек од 2 отсто.

-Според податоците објавени од Државниот завод за статистика, годишната инфлација во октомври забави сведувајќи се на 3,5 отсто. Притоа, со оглед на повисоките годишни стапки од почетокот на годината, просечната инфлација за периодот јануари ‒ октомври изнесува 10,7 отсто. Во натамошниот период се очекува дополнително забавување на просечната инфлација кој за целата 2023 година  би изнесувала околу 9,5 отсто. Инфлацијата и во 2024 година значително ќе се намалува до 3,5 до 4 отсто во просек, а понатаму ќе се сведе на околу 2 отсто, појасни Ангеловска Бежоска.

Последните оценки за кредитната активност на банкарскиот сектор се непроменети во однос на априлските проекции, односно се задржуваат оцените за забавување на растот на кредитите во 2023 година и постепено забрзување на растот во наредниот тригодишен период.

-Кредитниот раст на крајот на 2023 година би се свел на 5,7 отсто, додека со постепеното забрзување на економскиот раст и стабилизирањето на очекувањата, се очекува забрзување на растот на кредитната активност за периодот од 2024 до 2026 година на 6,9 отсто, во просек. Со оглед на попривлечните услови за штедење, како одраз на мерките преземени од страна на Народната банка и зголемената доверба во домашната валута, како и очекуваниот раст на паричните примања на населението, на крајот на 2023 година, се очекува солиден раст на вкупните депозити од 8,4 отсто, повисок од очекувањата во април. За следниот период се проектира натамошен солиден раст на депозитите што во просек би изнесувал 7,8 отсто во периодот од 2024 до 2026 година, исто како во априлската проекција, рече Ангеловска Бежоска.

Оцени дека октомвриските согледувања за надворешната позиција на домашната економија се значително поповолни во однос на априлските, посебно кај тековната сметка, како резултат на помалите увозни притисоци.

-За 2023 година дефицитот во тековната сметка на билансот на плаќања би изнесувал 1,2 отсто од БДП. Значителното стеснување на дефицитот произлегува од пониските цени на енергијата и храната, но и на понискиот количински увоз на суровини и енергенти, во услови кога се уште има високи залихи од претходната година. За 2024 година, се предвидува благо влошување на дефицитот кај тековната сметка, кој би изнесувал 2,4 отсто од БДП, што ќе произлезе од постепеното зголемување на трговската размена и стабилизацијата на приватните трансфери, посочи Ангеловска Бежоска.

На среден рок се очекува стабилизирање на дефицитот во тековната сметка на нивото од 2024 година што е близу до претпандемиското ниво.

-Очекуваните финансиски нето-приливи ќе овозможат целосно финансирање на дефицитот на тековната сметка, како и дополнителен раст на девизните резерви. Се очекува дека во целиот период на проекцијата девизните резерви ќе се задржат на ниво што е соодветно на меѓународните стандарди за одржување на стабилноста на девизниот курс, порача Ангеловска Бежоска.

Фото: МИА