Каматната стапка на благајничките записи се зголемува за 0,25 процентни поени и отсега ќе изнесува 1,5 проценти, одлучи Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка.
Одлуката, како што соопшти денеска Народната банка, е донесена како превентивен одговор на растечките инфлациски очекувања во услови на задржани оцени за отсуство на поизразени притисоци од домашната побарувачка и присутни надолни ризици за неа во следниот период.
– При донесувањето на ваквата одлука во фокус беа најновите движења кај инфлацијата и инфлациските очекувања. Инаку, износот на понудата на благајнички записи на денешната аукција е непроменет, односно 10 милијарди денари, информира централната банка.
На состанокот на Комитетот за оперативна монетарна политика одржан вчера биле разгледани најновите движења на меѓународните и домашните финансиски пазари.
– Најновите податоци покажуваат дека инфлацијата продолжи да забрзува и во март 2022 година достигна годишна стапка од 8,8 проценти. Главните фактори на поместувањата на ценовното ниво и понатаму се факторите на страната на понудата, односно цените на енергијата и на прехранбените производи, поради растечките увозни цени. На нив отпаѓа повеќе од три четвртини од растот. Сепак, имајќи предвид дека тие се влезен инпут кај повеќе други производи и услуги, а застојот кај синџирите за производство ги поскапува и другите увозни производи, најновите податоци покажуваат дека растот на цените станува пошироко распространет. Ова заедно со подолготрајниот ценовен притисок од првично очекуваните придонесува и за нагорни поместувања на инфлациските очекувања. Поизразени притисоци од побарувачката врз цените засега не се забележуваат, а воениот конфликт во Украина ги нагласува надолните ризици за домашната побарувачка во следниот период, стои во соопштението од Народната банка.
Оттаму информираат дека по иницијалниот притисок на девизниот пазар, кој вообичаено се случува во сите кризи, а којшто во голема мера беше поттикнат од неоснованите шпекулации за курсот, притисоците постепено се намалуваат и главно се поврзани со повисоката побарувачка од енергетскиот сектор, додека понудата од менувачниците бележи солиден раст надминувајќи го нивото и од пред пандемијата.
Девизните резерви остануваат на високо ниво согласно со сите меѓународни стандарди, а според прелиминарните податоци за март, годишниот раст на кредитите е солиден и е над проектираниот за првиот квартал од годинава, согласно октомвриската проекција.
Од Народната банка оценуваат дека неизвесноста и ризиците остануваат и нагласуваат дека како централна банка ќе продолжат со реоценување на поставеноста на монетарната политика.
– Во тек е изработката на новиот циклус на макроекономски проекции во чии рамки ќе се направи сеопфатно реоценување на макроекономската слика и на поставеноста на монетарната политика. Доколку се оцени дека е потребно, централната банка ќе реагира со целиот свој расположлив инструментариум за задржување на ценовната и макроекономската стабилност, стои во соопштението од Народната банка.