Претседателот на СОНК, Јаким Неделков во телефонска изјава за Курир потврди дека ја прифатиле поканата за продолжување на преговорите кои ќе се одржат денеска во 15 часот во просториите на Министерството за образование и наука.

За очекувањата кои ги имаат од преговорите, Неделков вели дека пред се очекуваат да разговараат за отворените прашања што како синдикат ги имаат.

-Очекуваме да слушнеме понуда за процентот на зголемување на платата, да знаеме колку е. Очекуваме да разговараме и за учебната година, како ќе продолжи, што со учениците и загубените часови. Да знаеме ние, учениците, родителите, вели Неделков за Курир.

Првиот човек на СОНК сепак не очекува денеска да биде постигнат конкретен договор и штрајкот да заврши.

-И да добиеме одличен предлог сепак ние треба да ја запазиме процедурата. Нашите членови треба да расправаат и да одлучат по однос на предлогот. Изјаснувањето од мнозинството од членството ќе ја донесе одлуката по однос на дадениот предлог, дали истиот ќе се прифати или не, вели Неделков во телефонската изјава.