Магацините на велешкиот производител на масло за јадење Маслодајна се полни, а полиците во маркетите се празни.

Таква е состојбата во Скопје, Битола и во другите градови низ Македонија.

Како што објави порталот СДК, повеќе од 500 тони пакувано масло за јадење е подготвено за продажба, но интересот за него е мал. Ваквата незаинтересираност доаѓа откако државата се откажа од нејзината добивка – ДДВ, но ги ограничи и трговците да немаат маржа на овој основен продукт, заедно со брашното тип-400.

– Имаме доволно залихи на масло за јадење. Ние, како најголем производител од сончоглед, се обезбедивме и не сме зависни од увоз во овој период. Ние работиме тековно и ги задоволуваме потребите на пазарот. Секој трговец кој ќе се обрати може да набави масло за јадење, секој ден. Не трчаме да обезбедиме рафинирано масло. Не чекаме Србија или друга држава да дозволи извоз на сурово масло. Ние имаме доволно количини да ги задоволиме потребите на македонскиот пазар, изјави за порталот генералниот директор на Маслодајна, Горан Лазов.

Слични тврдења има и од други производители на масло за јадење во Македонија. Производителите сметаат дека и покрај најавите од власта за увоз од Србија и пониска цене, маслото за јадење нема значително да поевтини.