Бугарските пратеници од 51. состав на Народното собрание денеска ќе го направат седмиот обид за да изберат претседател на ова тело.
Продолжението на првата седница на која пратениците се обидуваат да изберат претседател на Народното собрание беше прекинато десетина минути по почетокот. Беше прогласена пауза од 30 минути за консултации помеѓу партиите, на барање на претседателот на БСП, Атанас Зафиров. Напнатоста во салата се зголеми откако тој изјави дека претседавачот со седницата, Силви Кирилов од ИТН, одбил да свика претседателски совет, што според него е без преседан.
Кирилов возврати дека не може да свика претседателски совет бидејќи парламентот нема деловник. Тоа е формалната причина за неговото одбивање, но се согласи да се одржат консултации.
Но, шансите за успех не се големи, со оглед на тоа дека партиите ги кандидираа истите пратеници. Повторно има четворица кандидати за претседател на Народното собрание, без промени во номинациите.
Пред паузата, ГЕРБ-СДС повторно ја предложија Раја Назарјан. – Ги повикувам сите со разум и одговорност да ја поддржите оваа достојна кандидатура, порача Теменуџа Петкова. „Препород” по седми пат го номинираше Петар Петров, додека од „Има таков народ” останаа зад кандидатурата на Силви Кирилов.
По паузата, Борислав Гуцанов изјави дека левицата направила сè за да се постигне договор за заедничка кандидатура, но бидејќи консултациите не успеале, тие повторно ја номинираат Наталија Киселова.
фото: архива