Денеска, бев лично да се уверам во фактичката состојба со производството и испораката на белиот и полубелиот леб во маркетите, изјави премиерот Димитар Ковачевски кој денеска заедно со министерот Крешник Бектеши се сликаа во маркетите додека пазареа леб.
– Го разбирам револтот на граѓаните за потегот од страна на трговците и производителите на лебот, како реакција на одлуката за замрзнување на цената на белиот и полубелот леб на 33 денари, што се одрази негативно на секојдневните потреби на граѓаните. Со новата владина за одлука за снабдување на лебот со замрзната цена, го штитиме стандардот на граѓаните, објави Ковачевски на својот официјален профил на Фејсбук.
Ги обврзуваме трговците на мало, се додава во објавата на Ковачевски, кои продаваат леб во дневната набавка на сите видови леб да имаат најмалку 80 отсто од лебот по цена од 33 денари.
– Пекарите имаат обврска да го произведуваат и да го ставаат во промет белиот и полубелиот леб, во количина од најмалку 80 проценти од производството. Граѓаните мора да ги имаат основните производи!- порача Ковачевски на Фејсбук.
Патем, фоторепортерите и камерманите го овековечија моментот во кој премиерот Ковачевски и министерот Бектеши купуваа леб и дома нема да си одат со празни раце.