Драматично намалување на загадувањето е забележано на сателитските слики на Кина, што делумно е резултат на забавувањето на економијата поради Ковид-19, соопшти американската вселенска агенција НАСА.
НАСА објави мапи што покажуваат пад на нивото на азотниот диоксид.
Научниците од НАСА велат дека намалувањето на нивото на азотниот диоксид, гасот што го испуштаат моторни возила и индустриските постројки, е најизразено во близина на центарот на епидемијата – Вухан, но е видливо низ цела Кина.
Според Би-Би-Си, НАСА ги споредила податоците од првите два месеца од минатата година со истиот период оваа година.
Падот на аерозагадувањето се совпаѓа со намалениот сообраќај и деловни активности откако милиони луѓе беа ставени во карантин.
– Ова е првпат да видам така драматичен пад на загадувањето на голема површина поради една специфична причина, рече Феи Лин, истражувач во НАСА, која е експерт за квалитетот на воздухот.
Феи Лин потсети дека сличен пад на азотниот диоксид е забележан за време на економската рецесија во 2008 година, но намалувањето било постепено. Снимките се направени по рекордниот пад на активностите на кинеските фабрики, кои престанаа со работа поради ширењето на Ковид-19.