Македонскиот пат кон ЕУ и НАТО што почна преку Грција со смена на уставното име на Република Македонија и античката историја, сега продолжува преку Бугарија со барање за смена на македонската понова историја до 1945 година и со нови откажувања на штета на македонското минато и идентитетот.
Тоа се прави со еуфемизирани политички наративи дека „правиме мост од минатото кон иднината“, дека „ништо не се менува на наша штета“, дека „се дава шанса за брз економски равој“ итн. Од официјална Софија се инсистира за влегување на Бугарите во македонскиот Устав, а официјално Скопје молчи за правата на Македонците во Бугарија кои континуирано се прекршувани за што има и повеќе пресуди од Европскиот суд за човекови права итн.
Во ваква атмосфера се интензивира дијалогот меѓу работните групи што беа договорени на крајот на јануари меѓу Македонија и Бугарија, со цел враќање на довербата и надминување на разликите меѓу двете земји. Во Софија утре ќе се одржи состанок на работната група за инфраструктура, додека в петок е редовниот состанок на експертско ниво, согласно договорената динамика на билатерални преговори за т.н. пакет на политички прашања меѓу двете министерства за надворешни работи. Премиерот Димитар Ковачевски, пак, вчера изјави дека и од Скопје и од Софија зависи дали позитивната енергија ќе биде преточена во конструктивен дијалог.
Премиерот Ковачевски, во однос на состанокот в петок за отворените политички прашања, рече дека доколку се постигне напредок, прифатлив за двете страни врз основа на европски вредности и почитување на двете страни, тогаш МНР тоа ќе го соопшти.
– Доколку се постигне напредок, прифатлив за двете страни врз основа на европски вредности и почитување на двете страни, како на државите, така и на граѓаните, тогаш МНР тоа ќе го соопшти на ист начин како што министерот за надворешни работи имаше обраќање во Комисијата за надворешни работи, од неколку часа, каде ги образложуваше основните поставки на разговорите што се водат, изјави Ковачевски.
Тој се осврна и телефонскиот разговор со неговиот бугарски колега Кирил Петков кој се интересирал за два инцидента што се случиле и тоа едниот во врска со искинати венци на гробот на Гоце Делчев и за искршено стакло на бугарскиот Културен центар во Битола. Ковачевски го информирал Петков дека МВР согласно регуларните процедури ги прави сите истражни работи за првиот случај, а вториот е инцидент мотивиран од приватни причини.
Премиерот Ковачевски вчера оствари средба и со хрватската амбасадорка во земјава, на кој била изразена јасна и силна поддршка за европските перспективи на земјава. Пренесена е определбата дека Македонија, освен во НАТО, треба да се интегрира и во ЕУ, бидејќи тоа е од значење за целиот регион, но и за Унијата. Во таа насока, се очекува успех во изнаоѓањето решение помеѓу Македонија и Бугарија, што ќе овозможи отворање на преговарачкиот процес со ЕУ, соопшти владината прес-служба.
– Воспоставивме однос на меѓусебно почитување и работиме на решенија базирани на европските вредности. Од двете страни зависи дали енергијата ќе биде преточена во конструктивен дијалог, но постои позитивна енергија во разговорите и отвореност за меѓусебно разбирање, рекол премиерот Ковачевски на средбата со амбасадорката Тигањ.
Во меѓувреме, Владата за МИА вчера излезе со став за декларацијата за Гоце Делчев, поднесена минатата седмица од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, при што наведе дека е непотребно донесување на ваква декларација укажувајќи дека Собранието веќе има усвоено резолуција за утврдување на државните позиции во преговорите со Бугарија и оти Гоце Делчев воопшто не е предмет на преговорите.
– Многу е важно сите политички и општествени чинители да се воздржат од дневно-политичко поентирање и профитирање врз грбот, ликот и делото на нашиот великан Делчев. Апелираме Делчев да го чествуваме и славиме одговорно и достоинствено. Не смее да се злоупотребува големиот Делчев за создавање конфликти и нетрпеливости, било да е тоа дома или пак надвор од нашите граници. Имаме обврска да сме внимателни, посветени и достоинствени во јавните комуникации кога е Делчев во прашање бидејќи тој токму тоа најмногу го заслужува, посочуваат од Владата за МИА.
Оттаму наведуваат оти е отворена поканата до опозицијата да се вклучи на конструктивен начин во процесите кои се од врвен интерес за евроинтеграциската иднина на Северна Македонија.
– Сметаме дека вистинскиот пат кон решение на отворените прашања е преку интензивирање на дијалогот на работните групи од двете земји, релаксирање на односите и фокус на развојот на односите во сите сфери. Резултатите, за кратко време, се веќе видливи, истакнуваат од Владата.
Во вторникот, премиерот Ковачевски рече дека има ретроградни сили и во земјава и во Бугарија кои сакаат да го попречат процесот на изнаоѓање решение со Софија, но тоа нема да ги спречи започнатите заеднички активности на градење доверба и добрососедство. – Разговорите на двете страни продолжуваат неделава на експертско ниво за политичкиот пакет прашања во обид за надминување на разликите. За Северна Македонија нема отстапување од европската агенда, подвлече Ковачевски.
Инаку, состаноците на работните групи меѓу двете земји, ќе продолжат со најавеното темпо – четири пати до пет пати во месецот ќе се среќаваат делегации на двете земји за да разговараат за прашања од инфраструктурата, образованието, културата, евроинтеграциите, историјата. Овој месец преговорите продолжуваат преку комисиите, при што денеска ќе се одржи состанок на Работната група за инфраструктура, на 14-ти ќе се состане Работната група за евроинтеграции, потоа на 21-ви Работната група за образование и на 28 февруари, состанок ќе има Заедничката комисија за историски прашања, и како што вели шефот на дипломатијата Бујар Османи, четири пати ќе разговараат за иднина, а еднаш за историја.
Минатата седмица, со состанокот на Работната група за економија, трговија и иновации на претставници на С.Македонија и Бугарија, што се одржа во Скопје, почна и практичната примена на новиот пристап во односите меѓу двете земји, кои го најавија премиерите Димитар Ковачевски и Кирил Петков.
Зајакнување на практичната соработка во сфери кои се важни за секојдневниот живот на граѓаните на двете држави и на тој начин топење на мразот околу потешките прашања е нешто што Ковачевски и Петков го промовираа и во Скопје и во Софија, на меѓувладината седница на крајот на јануари, а што треба во крајна линија да доведе до компромис за спорот и симнување на бугарското вето за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ.
Двете влади формираа четири работни групи – за економија, трговија и иновации, за инфраструктура, транспорт и поврзување, за европска интеграција и зелени политики и за култура, наука и образование. Историските прашања ќе ги разгледува веќе постоечката Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања. Планирано е секоја недела состанок да одржува една од овие групи, кои секоја во својата сфера ќе придонесе за зајакнување на соработката меѓу двете земји.