Новиот претседател на СДСМ Димитар Ковачевски покрај што лажеше за курсот на Харвард, докторирал во Црна Гора додека таму амбасадор бил неговиот татко, објави денеска ВМРО-ДПМНЕ.
-Во биографијата која самиот Ковачевски ја објавил стои дека докторирал на Економскиот факултет на Универзитетот во Црна Гора во 2008 година. Амбасадор на Македонија во Црна Гора тогаш е неговиот татко Слободан Ковачевски. Дали и како влијаел таткото на Ковачевски при добивање на неговиот докторат?- прашува во соопштението опозициската партија.
За докторски студии, се додава во соопштението, потребно е докторантот да престојува во земјата каде се наоѓа Универзитетот, да врши истражувања и друг вид активности. Ковачевски во периодот кога бил на докторски студии бил на раководна позиција во Македонски Телеком. Дали и како Ковачевску го посетувал Универзитетот во Црна Гора? Какво влијание имал Слободан Ковачевски, таткото на Димитар Ковачевски при неговото докторирање? Ковачевски манипулираше со Харвард, дали манипулирал и со докторатот?- прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што е познато, неодамна, Ковачевски седна во партиската фотелја на Зоран Заев, кој си поднесе оставка. Најавено од Заев е дека Ковачевски ќе ја наследи и неговата премиерска фотелја.