Јованка КЕПЕСКА
Првата Македонска граматика од Круме Кепески, како историско првенче, претставува голема национална и културна придобивка поради важната општествена улога што ја одигрува. Затоа што ја пополни празнината што се чувствуваше за граматика на македонскиот литературен јазик во ослободена Македонија. Со решение на Министерството за народна просвета на Македонија, од 24 јануари 1946 година, одма по ослободувањето, беше одобрена за учебник во средните училишта но, таа стана и општонароден учебник за сите што сакаат да го научат својот литературен јазик, во културата, во администрацијата и за секој човек.
Придонесе за запознавање со македонскиот литературен јазик во светски размери затоа што примероци од граматиката беа испратени во разни краишта на светот, на нашите сонародници во странство, на библиотеките и на научните установи.
За улогата што ја има во наставата и во македонската култура како и за интересот ширум светот за првата Македонска граматика говорат фактите дека нејзиниот прв тираж е 16 илјади примероци, дека е во кусо време исцрпен и дека се наложува брзо излегување на второ издание во 1947 година и на трето, мошне проширено, издание, во 1950 година.
Основниот научен порив за да ја напише првата Македонска граматика кај професорот Круме Кепески е за да се отповика на предлогот на Ѓорѓи Пулевски „да се соберат људи учени од сите краишта на Македонија, кои го познаваат македонскиот јазик чисто, и да сочинат книга за сите шкоља и људи кои сакаат да го научат јазикот и за писање книги“. Како намера на македонскиот народ, како и кај сите народи, историски да стреми да создаде граматика.
При прикажувањето на научниот придонес за македонскиот јазик постигнат со Македонската граматика од јануари 1946 година, се прикажува и научниот пат на нејзиниот автор, професорот Круме Кепески за да се оствари ова дело.
Круме Кепески, имено, студирајќи на групата Словенска филологија на Универзитетот во Белград, од 1931 до 1935 година, уште како студент, во рамките на тогаш мошне актуелната дискусија (од 1920-тите години) околу прашањето за тоа која е првата азбука на Словените: глаголицата или кирилицата, го изработува трудот насловен „На која азбука мислел Црноризец Храбар?“. Во дискусијата за делото на Црноризец Храбар, „О писменех“, се расчистило дека содавачи на глаголицата се св. Кирил и Методиј. А дискусијата се однесувала и на ставот на Црноризец Храбар во однос на супрематот на славистиката во однос на грчката филологија.
Потребно е да се наведе и фактот дека Круме Кепески, во рамките на таканаречениот духовен круг, независно од Мисирковиот став, а тогаш малкумина знаат за книгата на Крсте Мисирков „За македонцките работи“, со своите студентски другари В. Сапунџиев, К. Тошев и други, го брани стојалиштето за прилепско-битолскиот говор, како за идна основа на македонскиот јазик.
Вториот труд на професорот Круме Кепески, настанат е во 1941 година, се однесува за акцентот,. Објавен е постхумно во книгата „Круме Кепески, Статии и анализи“, Македоника Литера, 2022 год. Во трудот се прикажуваат промените на акцентот кај словенските народи и издвоено се укажува и на одликите на акцентот на македонскиот јазик што, карактеристично, го нарекува и штокавски говор.
Покрај анализата на граматичка структура, во наредниот труд „Прилепскиот говор, 1941“, постхумно објавен во Култура, во 1999 година, Круме Кепески врши и анализа на акцентот и членот на прилепскиот говор. Така Круме Кепески ги има подготвено двете граматички прашања на еден од централните говори на македонскиот јазик а со исти одлики и во неговите централни говори. Прилепскиот говор веќе во 1941 година јавно го насловува како македонски говор. Овој труд бил бранет на државниот испит, 1941 година, пред професорот Александар Белиќ и од негова страна бил препорачан да се објави во престижното списание „Јужнословенски филолог“. Пред самиот почеток на Втората светска војна тоа и не се остварило.
Суштествен е и трудот „Признанија од туѓи писатели и историци од 9-19 век за Македонија и нејзиното население и граници“, создаден во 1944 година, од Круме Кепески кога, изземен од бригата „Гоце Делчев“, е определен да собира материјали за границите и населението на македонскиот народ во пресрет на претстојната мировна конференција, за да се определат границите на Македонија, особено во однос на Егејска Македонија. Во додаден дел во трудот Круме Кепески упатува на поединости во создавањето и развојот на македонскиот јазик и, определувајќи ги македонските дијалекти, врши нивна граматичка анализа, споредбено со анализата на бугарските дијалекти,
Предноста е дека трудот, е работен, врз оригинални дела, поместени во библиотеката на Македонскиот институт. Како подарена од наследниците на авторските права, трудот се наоѓа во архивата на МАНУ и е објавен како електронски запис, во 2022 година. Но, книшки, објавен е во книгата „Необјавени страници за македонскиот јазик на Круме Кепески“, во изнание на Македоника Литера, во 2023 година.
Круме Кепески, со овие трудови веќе ги истражил двете граматички прашања на еден од говорите, но близок до другите централни говори, на македонскиот јазик, а тоа се: трисложниот акцент и тројниот член, како и основната премиса за приоѓање кон граматиката дека е тоа јазикот на св. Кирил и Методиј, Климент и Наум, јазикот, кој, како што самиот ќе рече, го познава. А извршените граматички истражувања и развиените јазични ставови, говорат дека мислата за да се нафати со пишување на граматика на македонскиот литературен јазик, кај Круме Кепески тлеела уште пред ослободувањето. Поради што и можел толку брзо по ослободувањето на Македонија да ја создаде Македонската граматика, почнувајќи од месец фебруари, 1945 година.
Меѓутоа, остануваат научните предизвици пред кои се нашол при непосредното пишување на Граматиката, кои и говорат за вистинскиот научен придонес за македонскиот јазик, за кои самиот Кепески укажува. „При пишувањето многу ми помогна моето поранешно иследување на прилепскиот говор. Го бев проучувал говорот на прилепскиот крај уште во бивша Југославија; трисложниот акцент како и трисложниот член што се употребуваат во прилепскиот говор кои на ист начин се јавуваат и во поголемиот дел од централните говори, ми ја олесни работата. Но требаше подробно да се проучи како точно се употребува членот со именки и други именски зборови.
Потоа страшно тешко беше да се иследат глаголските форми и нивната употреба. Да се одредат карактеристиките на употребата на минато определените и неопределените времиња. Да се определат формите кај именките, придавките и заменките. Да се определат три вида множина кај именките и нивната употреба“. „Со Крум Тошев ја разгледавме партијата придавки. Тој ми укажа и други забелешки. Сето тоа ми даде поткрепа да истрајам во работата“.
Кога се прокламирала македоската азбука на 5 мај и се усвоил Македонскиот правопис, на 7 јуни, 1945 година, брошурка од 20 страници, работата му била олеснета. Ги видел нормите на македонскиот литературен јазик, го сообразил она што го работел пред неговото оформување, и ги внесол термините. На крајот на летото, поправо во средината на август 1945 година, го привршил граматичкиот материјал така што Граматиката е ставена во печат, во Ниш, есента, и е објавена на 26 јануари, 1946 година, во издание на Државното книгоиздателство на Македонија, на 80 страници.
Потребно е да се укаже дека применетата граматичка терминологија во првата Македонска граматика и денес се применува.
При оценката на научниот придонес за македонскиот јазик на првата Македонска граматика и нејзиниот автор, Круме Кепески, словенечкиот филозоф и публицист, Макс Робич, во рецензијата, во почетокот на фебруари 1946 година, во Љубљанскиот лист „Порачовалец“, ќе констатира, дека Македонската граматика од К. Кепески, иако е „мала“ е значајна книга за македонскиот народ. Затоа што, дотогаш, во Македонија, немало традиција во издавањето на граматика, поради што, човекот кој што прв се зафатил со тој толку важен национален проблем, имал макотрпни усилби да го совлада материјалот и да даде синтеза на истиот. И дека Македонската граматика доваѓа во право време.
Преземајќи го приказот на структурата на Граматиката приложен во оваа рецензија, прикажуваме дека во неа: „Откако го проследува материјалот на граматиката и се прави етимолошка анализа на јазикот од Кирил и Методија како и на подоцнежниот развиток, па сîдо моментот на ослободувањето на Македонија, односно кога и Македонците добија легитимно право на свој народен јазик, Круме Кепески ја изнесува материјата од фонетиката, морфолошките форми, градбата на зборови, членот и акцентот“.
Интерсна е забелешката што филозофот и писател Макс Робич, мошне изненаден од големите можности за искажување на македонски јазик, со конструкцијата на речениците, што, како што вели, не е случај со другите словенски јазици. Укажувајќи, истовремено, дека најстар словенски писмен, односно литературен јазик е оној, што во втората половина на деветтиот век го создале словенските апостоли, солунските браќа Кирил и Методиј, што го знаеме од најстарите зачувани книги, глаголски и кирилски ракописи, кои датираат од крајот на десеттиот и од почетокот на единаесеттиот век и во Граматиката, дека Кепески особено нагласува дека основата на тој литературен јазик го образува говорот на Словените од околината на Солун и од самиот Солун.
Како што и бидејќи „од тоа време до денес, македонскиот јазик мошне се изменил по својата гласовна и зборовна структура, а посебно во формите…па, во Граматиката, се врши етимолошка анализа на современиот македонски јазик“.
Наведуваме дека токму во првата нејзина рецензија се наведува констатацијата за стекнатото сознание од Граматиката, дека „ …споредувајќи го обликот на македонскиот јазик треба да се напомене само тоа дека нема вистинска промена на именките и другите имиња (освен при некои остатоци кај заменките). Дека промената ја надоместува врската на именки со предлози, тоест дека има аналитички начин на искажување“.
Во рецензијата се укажува „ и дека македонскиот јазик има член секогаш задименичен (постпозитивен) тоест на крајот од именката и именските зборови. А што се однесува до акцентот во литературниот македонски јазик важно е да е знае тоа дека акцентот кај двосложните зборови е на вториот слог, кај трисложните и повеќесложните зборови и зборовни целинки секогаш е на третиот слог“.
За рецензиите кои следеле, оваа Граматика станува основа најпознатите слависти за да се искажат за македонскиот јазик.
Така, славистот Сергеј Бернштајн, во органот на Академијата на науките на Сојузот на Советските социјалистички Републики, 1948 – број 4, под наслов „Македонски јазик“ ги дава белешките за македонскиот литературен јазик и зборува за особините на македонскиот јазик и за неговото место меѓу другите словенски јазици, третирајќи го како рамноправен член на јазичното семејство на словенските јазици.
Францускиот славист Андре Вајан, зборува за македонската граматика во „Ревија на словенските јазици“, датирана 1948 година,.
Чехословачкиот славист А. Фринта, во списанието „Славија“, H„H, еден до два број, 1949 година, страна 230 до 232, исто така, го регистрира излегувањето на македонската граматика под наслов: „Македонска граматика, Скопје 1946 – Круме Кепески“; се искажа и германскиот славист Шмит од Јенскиот универзитет и други.
Давајќи позитивни оценки за македонската граматика, во списанието „Региналд“, Лондон 1951 – HH„„, страна 737, англискиот славист Региналд де Бреј, меѓу другото укажува дека: „По иронијата на историјата народот чии прадедовци им го дадоа на Словените нивниот прв литературен јазик, беше последен кому му беше признаен неговиот современ јазик како одделен словенски јазик, различен од соседните – српскохрватскиот и бугарскиот“.
Славистот Хораст Ланд во Соединетите американски држави, на англиски јазик, напиша македонска граматика (во 1952 година) за студентите по славистика на американските универзитети, како одглас на Македонската граматика.
***
Заклучокот би бил дека, како што ќе рече нејзиниот автор, професорот Круме Кепески, она што е направено со првата „Македонска граматика“ е санкционирање на една објективна јазична ситуација и култура, која ја создаваа Македонците низ векови, „Во Граматиката е јасно покажано оти македонскиот јазик се разликува и фонетски, и морфолошки, и синтаксички од соседните јазици, од српскохрватскиот и бугарскиот, и оти има своја посебна структура која што е поставена уште со формирањето на македонскиот народ, а подоцна понатаму се развива. Како таков јазикот посведочува за нашата национална самобитност при што никакви извртувања и фалсификати, задоени со хегемонистички идеи, не ќе можат да ја скријат вистината за македонската дејствителност“. ( Круме Кепески, 1976 год).
Круме Кепески се зафатил со пишувањето на првата македонска граматика, сфаќајќи ја насушната потреба во дадениот историски момент и сакајќи да му помогне на својот народ.
„На идеја да правам граматика дојдов сам“, ќе рече Кепески, „не беше тоа некоја директива како што имаше за други работи. Работев на некој начин тајно. Единствени што знаеја дека пишувам граматика беа Љубен Лапе, тогашен помошник за просвета и Крум Тошев, и двајцата мои пријатели од детството и од студентските денови. Овие луѓе ми пружија не само колегијален поттик туку, со оглед на општествените функции што ги вршеа го пренесоа и општествениот поттик на сеопштиот општествен и национален ентуазијазам. Пред себе имав уште една голема подршка: Решението на АСНОМ по кое „се заведуе македонскиот јазик како службен во македонската држава“.




