Хрватскиот професор, славист и македонист и надворешен член на МАНУ, Горан Калоѓера, реагира на социјалните мрежи за неукоста на членот на Извршниот одбор на СДСМ, Рубин Земон, според кого „Гоце Делчев е мит, не извојувал ниту една битка и не напишал ништо што денес е од важност“.
– Си ветив себеси дека повеќе нема да се мешам во ‘македонските работи’, но кога ги читам глупостите што доаѓаат од Македонија, морам. Прво, како македонист, а потоа и како човек што ја познава македонската револуционерна историја многу подобро од сите тие идиотски политичари, кои немаат поим ниту за историјата на својата земја, ниту за нејзините историски личности, па трескаат глупости без врска, повторувам и се прашувам: какви глупости се сега овие за Гоце Делчев? Што, господа политичари, ни тој не ви е добар!? Велите Бугарин и не се срамите од тоа, вели Калоѓера во објавата на Фејсбук.
Срам да ви е, додава тој!
– Можете да зборувате за неговото време само од аспект на тоа време и историски околности, односно неволјите за Македонија. Човекот кој беше упорен и доследен бранител на ставот дека Македонија и Одринска Тракија мора сами да се ослободат, без влијание и помош на надворешни фактори, кој ја бранеше идејата за автономна и слободна Македонија, кој разбираше дека ‘елитата’ е продолжена рака на бугарската официјална политика, кој беше огорчен противник на постоењето на Врховниот комитет од Софија, како ‘паралелен’ штаб за ослободување на Македонија, да се именува Бугарин. Ве молам бидете разумни и читајте ја и проучете ја вашата историја и не користете ја за дневнополитички борби, пишува Калоѓера.
Никогаш, додава натаму Каложреа, повторувам, никогаш Бугарите, или поточно бугарската официјална политика, не ги сакале Македонците, никогаш.
– Тие не ги сакаат ни денес. Затоа, верувајте само во себе и во сопствените сили. Умот в глава, вашите соседи не ви се пријатели. Политичарите не ви се од никаква корист, сите се слабаци и ниту една харизматична личност. А тоа беше Делчев, харизматичен водач, воен стратег, воен водач, просветител, љубител на книги, бидејќи веруваше дека пишаниот збор носи голема моќ, што практично го докажа Рацин со својот јазик и темата на неговата збирка ‘Бели мугри’. Не играјте си со вашите големи личности, почитувајте ги, славете ги и учете од нив, затоа што тие се обиделе и направиле нешто, коментира денеска Калоѓера.
Објавата на Калоѓера на Фејсбук може да ја погледнете ТУКА.




