Речиси 100.000 граѓани на Косово поднеле барање да добијат пасош, од кои над 55.000 по првпат, од почетокот на јануари годинава, кога беа укинати Шенген-визите за косовските државјани, јави дописникот на МИА од Приштина.
Долги редици граѓани во текот на овие два месеца се забележани пред канцелариите за матична евиденција за да добијат патна исправа, а како последица на тоа и чекањето за негово издавање се оддолжи и до еден месец, од 15 дена колку што беше порано и колку што е предвидено со закон.
Директорот на Агенцијата за матична евиденција, Блерим Цамај, за јавниот сервис на Косово, РТК, изјави дека само од 3 јануари до 13 февруари годинава, 55.410 граѓани по првпат побарале пасош.
– Минатата година се пријавија околу 300.000 граѓани кои добија пасош. Зголемувањето на барањата почна во декември кога се пријавија 36.000 граѓани. Но, растот продолжува и оваа година. Во јануари се пријавиле 71.000, а во февруари 27.000 граѓани, изјави Цамај.
Зголемувањето на барањата го пролонгираше и чекањето за обезбедување пасош.
– Се наоѓаме во вонредна состојба и се чека подолго од она што е предвидено со закон. Така што некаде околу 30 дена граѓаните треба да чекаат за да извадат пасош, вели Цамај.