Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека ниту тој, ниту некој друг во светот кажал дека вакцината целосно штити, туку дека штити од сериозна тешка форма на болеста.
„Никогаш, ниту јас ниту бил кој здравствен работник во светот не сме кажале дека вакцината целосно штити од вирусот. Штити од тешка форма на болеста и од смртност. Огромен процент на новодијагностицирани пациенти се невакцинирани. Разговараме со колегите од другите земји, и секаде болниците се оптоварени со невакцинирани. И од тука не можеме да предвидиме со ситуацијата во пандемијата, веројатно ќе има нови соеви, но вакцината е таа што штити од смртен исход или тешка форма на болеста“, изјави Филипче.
Тој додаде и дека во последно време не се полнат болниците со онаа динамика претходно.
„Во последно време не се полнат болниците како што беше и тоа е добро. Интерните одделенија се подготвени, иако веќе има пациенти.“, кажа Филипче.
Тој рече дека трендот на вакциниранње во нашата земја се одвива со добра динамика.
„Во државата со вчерашниот ден се вакцинирани со прва доза околу 740 илјади граѓани. Секојдневно имаме над 13-14 илјади аплицирани вакцини. Ако со овој тренд продолжи ќе биде добро. Над 43 години се вакцинирани вкупно 54% од населението, вкупно е нешто помалку, што значи дека интересот е помал кај младите“, изјави Филипче кој додаде дека најголемиот број од пациентите во болниците се невакцинирани.
„Точно знаеме како се лекуваат сите пациенти и сите се лекуваат по протоколи, и со модерни лекови. Најголем број од пациентите во болниците се невакцинирани, и тоа е проблемот. Околу 9% од смртните случаи се вакцинирани, но тоа се пациенти кои се пациенти кои имаа тешка состојба и со сериозни коморбитети.“, изјави министерот.