Владата се обидува да најде начин дел од компаниите кои се на слободниот пазар на електрична енергија да бидат вретени на регулираниот, но тоа да не предизвика дополнителни трошоци кои би влијаеле на зголемување на цената на електричната енергија од 1 јануари идната година за домаќинствата и 72-те илјади компании кои се веќе на регулираниот пазар.

Во текот на оваа недела се очекува да бидат доставени и понудите за набавка на потребните количини природен гас за наредниот месец. Се прават и напори за обезбедување помош на најзагрозените од енергетската криза.

Министерството за економија во комуникација со компаниите кои се на слободниот пазар на електрична енергија веќе изработи предлог дел од нив да бидат вратени на регулираниот пазар и да бидат снабдувани директно преку ЕСМ продажба со цена пониска од берзанската.

Премиерот Димитар Ковачевски најави дека ќе биде понудено решение откако Регулаторната комисија за енергетика ќе ги финализира пресметките.

-Овој предлог го разгледувавме и со стопанските комори, компаниите од прехранбената индустрија и индустриите кои имаат производство наменето за широка потрошувачка за граѓаните со цел да го намалиме ценовниот притисок. За ова веќе е разговарано и со Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) и штом РКЕ ќе ги финализира своите пресметки во однос на можностите на регулираниот пазар ќе биде понудено решение,  изјави вчера Ковачевски во одговор на прашање по пуштањето во употреба на вториот капацитет на „Кемет електроникс“ во ТИРЗ Скопје 1.

Потенцира дека разговорите ќе продолжат и во текот на оваа недела со цел да се изнајде најдобро можно решение за индустријата, особено за индустријата која го снабдува населението со основни прехранбени продукти.

-Преку ЕСМ продажба може да им се продаде електрична енергија која е на ниво или под берзанската цена која ќе им овозможи на компаниите да имаат стабилно снабдување со електрична енергија и да може да ја планираат цената на енергијата, рече Ковачевски и додаде дека еден од проблемите на светските берзи на електричната енергија е што никој во моментов не може да предвиди каква ќе биде цената на електричната енергија во текот на наредниот период.

Како што кажа, има огромни флуктуации и зголемувања во текот на еден месец, но и во текот на еден ден.

-Затоа сакаме да им обезбедиме покрај поприфатливата и пооптимална цена на електричната енергија да биде и постабилна за да може подобро да го планираат производството, посочи Ковачевски.

Од Владата вчера брифираа дека за набавката на струја по прифатлива цена за бизнис секторот од бугарска страна има добра волја да се помогне во овој дел, но засега не може ништо да се стори затоа што бугарското законодавство ги обврзува вишоците на електрична енергија да ги продаваат по берзански цени. Отворени се и разговарите со Турција, но во овој случај прекуграничниот транспорт е прилично скап.

Во однос на можноста училиштата, здравствените установи и компаниите од прехранбената индустрија да се снабдуваат со електрична енергија од ЕСМ продажба, како што брифираа од Владата, одлуката ќе се донесе врз основа на потрошувачката и можностите на ЕСМ за зголемено производство. Посочуваат дека ЕСМ во моментов ги има вклучени сите капацитети кои му се на располагање, освен Блок 3 за кој на 21 октомври треба да биде испорачан трансформаторот од Турција и да пристигне во Битола на 26 октомври.

Според надлежните, земјата има и доволно количини јаглен, а во случај ништо да не функционира во рудниците за јаглен и да нема испорака, би имале јаглен за 20 до 30 дена.

– Дневната потрошувачка во РЕК Битола е 12-13 илјади тони јаглен, а дневната потршувачка во Осломеј е околу три илјади тони. Дневно ископот во РЕК Битола во овој период е 20 илјади тони, а дополнително околу 2.800 тони дневно има достава на јаглен од Грција и од Албанија. Доколку се случи некоја катаклизма, ништо да не функционира, тогаш може да работиме 20-30 дена без ниту еден грам јаглен, велат владини извори.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски, пак, смета дека ЕСМ директно треба да им помогне на училиштата и македонските компании со поволни цени на струјата, а не преку ЕВН.

-Крајната цел е основните и средните училишта, македонските компании, јавните комунални претпријатија и прочистителните станици да добијат пониска цена на електричната енергија од пазарната и наместо да се финасира ЕВН и да му се плаќа маржа, ЕСМ директно да им ја продава на нив. Мојот предлог е ЕСМ преку својата компанија за продажба, директно да им продава на овие категории на потрошувачи по цена, која што ќе биде пониска од цената која што е во моментов на регулираниот пазар за малите потрошувачи. На тој начин ќе избегнеме на ЕВН Хоум да им се даваат дополнителни пари за маржа, а ќе обезбедиме ЕСМ како државна компанија, која што добила субвенции од државата, да ги намали овие субвенции, рече Бислимоски.

На овој начин, како што нагласи, ќе им се помогне на училиштата, компаниите и јавните комунални претпријатија со цена која е поволна за нив и прифатлива.

-Со предлогот на опозицијата, доколку се вратат сите овие на регулираниот пазар на електрична енергија во тој случај цената на електрична енергија што ЕСМ ќе ја продава на ЕВН Хоум е 48 евра за мегават час, но маржата на ЕВН Хоум ќе се зголеми за дополнителни 5 до 6 милиони евра, посочи Бислимоски. Тоа, според него, дополнително ќе врши притисок за зголемување на цената што ја плаќаат сите потрошувачи на регулираниот пазар по 1 јануари идната година.

Во текот на оваа недела се очекува да бидат доставени и понудите за набавка на потребните количини на природен гас за ноември. Досега понуда има доставено само „Макпетрол“, но се очекуваат понуди од уште две до три компании.

– Веќе е пристигната една понуда од компанијата „Макпетрол“ за потребните количини за ноември, меѓутоа очекуваме уште неколку други понуди. Ќе видиме, која ќе биде најконкурентната, таа ќе биде прифатена. Гасот којшто треба да се добие во понудите за наредниот период, ќе биде гас којшто е потребен за топланите Исток и Запад,  вклучително и Север доколку се склучи договорот, но исто така и за работа на приватната централа ТЕ-ТО за да се стави во функција од ноември, со цел да се произведе повеќе електрична енергија, да го зацврстиме електроенергетскиот систем во државата, но исто така и да добиеме топлинска енергија, којашто ќе задоволи 60 проценти од топлинската енергија што е потребна за загревање на градот Скопје, изјави вчера директорот на ЕСМ Васко Ковачевски.

Овој енергенс засега се купува месец за месец, односно до 20-ти во месецот се прибираат понудите за наредниот месец. Владини извори брифираа дека доколку се добие понуда за шест месеци со прифатлива фиксна цена, тогаш може да се склучи и договор за шест месеци.

– Ако постигнеме цена која ќе биде фиксна и ќе одговара на пресметките за производство на електрична и на топлинска енергија, тогаш може да потпишеме таков договор, велат владини извори.

Посочуваат дека има две посериозни компании кои за два до три дена би доставиле понуди. Од едната компанија не е исклучена можноста да достави понуда за шест месеци.

Во однос на топланата Скопје-Север која најавува дека ќе има греење за уште неколку дена и бара помош од Владата, директорот на ЕСМ вели дека оваа топлана сеуште ги нема завршено формално-правно работите.

– Известена е компанијата и очекуваме дека до почнување на новиот договор за деловна техничка соработка, претходните должничко-доверителски односи ќе ги завршиме и ќе можеме да влеземе во нов циклус. Очекувам нашите колеги од Топлана Север да си ја завршат прво својата обврска и потоа да може да обезбедуваме парно греење за околу 500 домаќинства и други потрошувачи во овој дел на градот Скопје, изјави Ковачевски.

Според најавите,  ЕСМ Снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје во текот на наредните денови ќе проба да најде полесен начин како граѓаните да ги склучат новите договори за топлинска енергија, со оглед на тоа што во моментов на три пункта во Скопје, околу 60 илјади домаќинства треба да склучат нов договор, по преземањето на дејноста од компанијата БЕГ.

-Ќе бараме да се најде полесен начин како сите тие потрошувачи, којшто се голем број, околу 60 000 треба да склучат договори. Но во ова прилика да ги известам сите наши граѓани коишто се наши потрошувачи на топлинска енергија, да не се грижат иако се уште не се склучени договорите, ЕСМ ќе испорачува енергија. До крајот на месецов, ќе најдеме начин како и колку брзо да ги склучиме тие договори. Така да, новите сметки во ноември коишто ќе се однесуваат за месецот октомври, ќе ги добијат и притоа нема да има прекин на испорака на топлинска енергија, и тоа нема да ги загрижува граѓаните на Скопје, изјави Ковачевски.

Со компаниите што ги понуди лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за набавка на енергенси, досега нема ништо конкретно. Едната компанија, со чии претставници министерот за економија имаше средба во Белград, досега нема доставено никаква понуда. Се работи за компанијата „ПГО“ која доставила само предлог договор за соработка, но не и понуда. Никаков исход нема ниту со втората компанија. Станува збор за компанија од Република Српска.

Во меѓувреме, Србија, со која нашата Влада имаше разговори за набавка на гас за непречено функционирање на ТЕ-ТО, објави дека привремено го забранува извозот на природен гас.

-Владата на Србија вчера донесе одлука за привремена забрана за извоз на природен гас до крајот на месецот, со цел да се обезбеди безбедно снабдување на домашниот пазар и да се спречат можни штети за стопанството и граѓаните. Одлуката е донесена со цел да се спречи заканата од критичен недостиг на природен гас предизвикан од нарушување на глобалниот енергетски пазар, се наведува во соопштението од Владата на Србија.

За ефектуарирање на дел од пакетот антикризни мерки за граѓаните што беа објавени пред десет дена, од вчера во собраниска процедура по скратена постапка се три закони на предлог на Владата  и еден предлог на пратениците од владејачкото мнозинство. Станува збор за Предлог закон за финансиска поддршка на социјално ранливи категории на граѓани за справување со енергетската криза, измени и дополнување на законите за енергетска ефикасност и за енергетика, трите предложени од Владата, додека пратеници од владејачко мнозинство предложија измени и дополнувања на Законот за социјална заштита, по скратена постапка.

Со Предлог законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории граѓани за справување со енергетската криза треба да се обезбеди исплата на финансиска поддршка за најранливите категории во време на криза, за околу 180 илјади граѓани.

– Во следните четири месеци предвидена е финансиска помош од 3.000 денари или вкупно 12 илјади денари да добијат – корисниците на правото на социјална сигурност на стари лица или популарно познато како социјална пензија, корисниците на посебен додаток, корисниците на правото на надомест заради попреченост, лица со попреченост и трајни промени во здравствена состојба кои користат надомест за помош и нега од друго лице а не користат права на надомест заради попреченост и самохрани родители кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош, информираше вчера пратеничката од СДСМ Санела Шкријељ.

Финансиска помош од 3 000 до 6 000 денари за период од четири месеци ќе добијат и пензионерите со пензии до 14 илјади денари.

– Како пратеници поднесовме предлог измени во законите за социјална и детска заштита, кои значат покачување на правото за посебен додаток од 15 проценти за сите три категории корисници. Со предложени измени во законот за социјална заштита се предвидува и намалување на возрасната граница за користење на правото за траен надомест на 60 години за жени и 62 за мажи барање од родителите на децата со попреченост и промена на критериумите за користење на личната асистенција односно дополнување со комбинирана попреченост каде доминантна е телесната. Ова значи дека личната асистенција ќе можат да ја користат и лицата со церебрална парализа, рече Шкријељ, повикувајќи ги сите пратеници да дадат поддршка на измените на законите, како што рече, за кои веќе се обезбедени средства во Буџетот, а со цел исплатата на помошта да започне од идниот месец.

Парите од антикризните мерки наменети за ранливите категории на граѓани се добредојдени, но потребни се системски мерки со кои ќе бидат опфатени сите целни групи, оценуваат од Платформата против сиромаштија. Сметаат дека треба да се зголеми опфатот на лица кои го остваруваат правото на социјални бенефиции, а гарантираната минимална помош да ги следи трошоците на живот и растот на минималната плата.

Според претседателката на Македонската платформа против сиромаштија Билјана Дуковска, мерките се насочени кои оние граѓани кои се евидентирани во системите, но остануваат неопфатени лицата без документи и оние досега не оствариле никакво право.

– Ја охрабруваме Владата да продолжи да инвестира во најранливите категории граѓани меѓутоа сметаме дека она што требаше да се направи е примателите на гарантирана минимална помош да добијат зголемување кое ќе ги следи трошоците за живот и растот на минималната плата. Треба да се работи и на зголемување на опфатот на лица кои го остваруваат правото на социјални бенефиции затоа што во моментов, според нивните статистики и од она што го имаме на терен, гледаме дека не сите на кои им е потребна помош, користат одредени мерки. Во оваа ситуација, мерките повторно се насочени кон некои од целните групи. Тоа се луѓе кои се веќе во системите за социјална заштита или во евиденциите на другите сродни регистри меѓутоа остануваат луѓето без документи и оние кои никогаш не оствариле некое право. Тие повторно нема да добијат никаков надомест, изјави Дуковска.

Војната во Украина, енергетската криза и зголемувањето на цените го зголеми и бројот на луѓе кои живеат во енергетска сиромаштија. Европската платформа против сиромаштија (ЕАПН) посочува дека се поголем е бројот на луѓе кои не можат да ги одржуваат своите домови соодветно загреани или ладни.

– Војната во Украина им наштети на европските економии кои сè уште се опоравуваат од пандемијата на КОВИД-19 и ја влоши енергетската криза, што доведе до многу нестабилен пазар и вртоглаво зголемување на цените. Ова го зголеми бројот на луѓе кои живеат во енергетска сиромаштија (неспособни да ги одржуваат своите куќи соодветно загреани или ладни) и несразмерно влијае на домаќинствата со ниски приходи, кои веќе се оставени да прават невозможен избор помеѓу енергија, кирија и храна, се вели во клучните наоди на извештајот на ЕАПН.