Тренерот на Задар, Анте Назор, е голем оптимист пред денешниот натпревар со МЗТ Скопје Аеродром, во баражот за место во регионалната кошаркарска АБА лига.
Назор кој во минатото ги предводеше „сино-белите“ до шампионски трофеј во македонското првенство, смета дека Задар има поквалитетен тим и очекува да ја искористи предноста што ја носи домашниот терен.
– Би било лицемерно да кажам дека очекувам било што освен победа. Во тимот владее општа мобилизација и мислам дека не недостасува мотивацијата. Имаме свои адути и свои предности кои мора да ги искористиме. Ќе бидеме комплетни и фокусирани сме само на првиот дуел, а потоа ќе размислуваме за следниот, изјави Назор.
Според него, МЗТ Скопје е добро организиран и финансиски стабилен клуб со одлични услови за работи и негува амбиции за враќање во АБА-лигата.
– За жал минатата сезона испаднаа од АБА лигата. Сега сакаат да се вратат, но се надевам дека тоа нема да го направат преку грбот на Задар. Имаат добри поединци, а ако им „фати“ шутот може да ни направат многу проблеми. Сепак, сметам дека клучен е нашиот пристап и дека ќе може да се разиграат онолку, колку што ние ќе им допуштиме, нагласи Назор.
Натпреварот Задар – МЗТ Скопје почнува во 17 часот. Се игра во два добиени натпревара.