Ко-основачот на кинеска интернет компанија „Алибаба груп“, Џозеф Цаи може да стане сопственик на Бруклин. Како што објави „Њујорк пост“ Цаи ќе го преземе НБА-лигашот од рускиот бизнисмен Михаил Прохоров до крајот на оваа недела.

Се проценува дека зделката ќе чини 2,35 милијарди долари и ќе биде рекорд за спортски клуб.

Прохоров купи 80% од акциите во клубот во 2009 година, кога сè уште се викаше Њу Џерси нетс.

Во 2010 година, НБА го одобри купувањето на клубот. Во април 2012 година, лигата се согласи да го премести тимот во новата арена „Баркли центар“ во Бруклин, а клубот ги смени името и логото.

Во април минатата година, Прохоров му продаде на Цаи 49% од акциите во тимот за една милијарда долари. Покрај тоа, Цаи доби право да го откупи преостанатиот удел во клубот пред почетокот на сезоната 2021/22 за 1,35 милијарди долари.