Европскиот пат на Македонија во голем дел зависи од спроведување на реформите од областа на правосудството и владеење на правото, кои се клучни за гарантирање на пристапувањето во ЕУ. Корупцијата ја има во сите пори од општеството, а борбата против неа не зависи само од носење нови закони и нивна примена, туку и развивање на свеста на секој поединец, ова се дел од заклучоците на панелистите на Шестата сесија на НКЕУ-МК на тема „Национална конвенција за Европска Унија: Темелните општествени вредности за европската иднина“.

-Целта на Солунската декларација од 2003 година за европската перспектива на земјите од Западен Балкан и по 20 години е иста. Наша задача е да обезбедиме континуирани реформи, безбедност, стабилност, владеење на правото, демократија, а наша задача е европските вредности да ги пресликаме во нашите општества со што ќе ги подобриме условите за живот, работа и напредок на нашите граѓани, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на Шестата панел сесија НКЕУ-МК на панелот „Владеењето на правото – темелна општествена вредност: Патоказите и патиштата кон излезот од распаќето“

Спасовски кажа дека европскиот пат на Западен Балкан е без сомнение високо на агендата на секој од нас, бидејќи граѓаните тежнеат да живеат во земји што се просперитетни и еднакви каде владеењето на правото е силно, а корупцијата е најмало можно ниво.

-Токму владеењето на правото е еден од клучните сегменти кои гарантираат интеграција во ЕУ и во таа насока МВР изминативе 20 години спроведе низа на реформски процеси поддржани од нашите партнери во ЕУ. Заеднички работиме кон постигнување на зацртаните цели во областа на владеење на правото преку зајакната борба против организираниот криминал и корупција.

Свесни дека за крупни реформи кои нашата земја ја придвижуваат напред потребен е ангажман на сите, додаде тој, токму на овој начин секој од чинителите во процес реформата ја чувствува како своја и со сите сили настојува да ја реализира.

Потсети дека реформите коишто се преземени ја гарантираат стабилноста и безбедноста, како и просперитетот и достоинството на сите наши граѓани и во земјата, меѓутоа и пошироко во Европа.

-Успешно се справивме и со предизвикот кој го наметнаа и масивниот прилив на мигранти. Би сакал да нагласам дека од денешна перспектива акцентот го ставам на спроведување на енергични акции за сузбивање на тие мрежи на криминалци кои се дел од криумчарењето на мигранти, рече Спасовски.

Додаде дека не запираат активностите и во делот на обезбедување и гарантирање на сите сегменти од аспект на владеењето на правото, елиминирањето на хибридните закани, тероризмот, борбата против организираниот криминал и корупцијата.

-Ние во МВР како носители на Поглавјето 24 – правда, слобода и безбедност на дневна основа се стремиме во вистинска смисла на зборот да ги имплементираме европските вредности преку конкретна реализација во борба со криминалот, а и преку активно учество во креирање на стратешки политики, заклучи Спасовски.

Заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска Мадиќ, истакна дека сите препораки од ЕУ за работата на одредени органи и за борбата против корупцијата се добредојдени.

-Критиките ќе ги прифатиме, ќе ги корегираме работите, и ќе преземе се она што треба да го подобриме. Препораките, што ни се даваат за многу одредени работи, и сега, за Стратегијата за правосудството, ќе бидат вградени и имплементирани во одредени законски норми, рече Аврамовска-Мадиќ.

Во однос на корупцијата, нагласи Мадиќ, секогаш напоменувам дека мора да престанеме да ги генерализираме работите и корупцијата да ја индивидуализираме.

-Корупцијата, да, ја има, но не само во правосудните органи, ја има во многу институции, во многу подлабоки пори, па дури и кај одредени службеници, но борбата против неа не може да биде само со носење нови законски норми и нивна примена, туку и со развивање на свеста кај секој еден граѓанин, кој сака својата држава да ја види напред кон ЕУ, рече Аврамовска-Мадиќ.

Претседателот на Комисијата за европски прашања во Собранието Арбр Адеми, претходно во своето обраќање на отоврањето на сесијата, кажа дека сега се наоѓаме во тешки времиња кои ја разбудија Европа и и помогнаа да сфати дека и е потребно поголемо единство внатре во неа.

-Како резултат на овие настани се чувствува нова енергија во процесот на проширување на ЕУ и општо во политиката за Западен Балкан. Проширувањето на ЕУ отсекогаш имало меритократски и геополитички аспект и патот на С. Македонија кон Унијата беше исполнет со исклучително тешки предизвици но никогаш не отсуствувала стратешката јасност околу нашиот првенствен надворешно-политички приоритет, рече Адеми.

Потсети дека минатата недела успешно заврши скринингот, а следната фаза е доставување на клучните документи кои се обврска која произлегува од Преговарачката рамка за пристапување на Македонија во ЕУ – патоказот за владеење на правото и патоказот за реформа на јавната администрација.

Амбасадорот на Словачка во земјава Хенрик Маркуш рече дека за Словачка, интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ е приоритет и тоа, како што рече, е главната причина за нивна поддршка на Националната конвенција, бидејќи таа ги собира сите чинители во општеството.

-ЕУ сега излегува со нови вагони, големи планови со 14 милијарди евра, нови ИПА фондови, кои одат во правец на засилување на членството. Сведоци сме на нов моментум во геополитиката и сметам дека овој воз ќе биде последниот што ќе дојде за С. Македонија и за регионот, рече Маркуш.

Тој го цитираше поранешниот генерален секретар на ОН Кофи Анан, според кој, „времето е вистинско, а изборот е јасен“, додавајќи да не се бараат повеќе изговори кои ќе бидат перфектно јасни.

Пјер Вирџилио Дастоли, претседател на Европското движење во Италија и советник на Европската комисија, кажа дека следните два дена се особено важни, бидејќи ќе се зборува и за проширувањето.

-Ние како европско движење мислиме дека прашаеето на проширувањето треба да се разгледува во ситуации каде трба да одговориме на потребите на граѓаните, рече Дастоли. Во Европското движење мислиме дека треба да ја поддржиме идејата за заеднички пристап и сите земји од ЕУ и кандидатите треба да усвојат заедничка деклараиција, рече Дастоли во обраќањето на Шестата пленарна сесија на НКЕУ-МК на тема „Национална конвенција за Европска Унија: Темелните општествени вредности за европската иднина“.

Фото: МИА