Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска објави дека во МВР учат искуства од Естонија за дигитализацијата, а во меѓувреме се уште не е соопштено дали е откриен крадецот на уредот на МВР (компјутер) од граничниот премин Блаце.
– Денеска, како дел од Националниот совет за дигитална трансформација на општеството, присуствував на неформална средба со тимот од Естонскиот центар за меѓународен развој, којшто работи во областа на дигитализацијата и е-управување, а кои ги пренесоа естонските искуства во делот на функционирањето на електронската лична карта и нејзината практична примена. Од наш интерес се, секако искуствата во делот на безбедноста на личните податоци, сајбер отпорноста, како и за процесот на задржување на ИТ кадарот во јавната администрација, објави Спасовски на својот официјален профил.
Дигиталната трансформација на општеството, се додава во објавата, е еден од стратешките приоритети на Владата, која ја препознава потребата од дигитализацијата како предуслов за брз економски напредок и развој.
– Токму за таа цел е формиран Националниот совет за дигитална трансформација на општеството – планирање, координирање и реализација на активностите потребни за дигитализација на процесите како и ефикасно справување со предизвиците што таа ги носи, објавува Спасовски.
Не можеш по хардверот, удри на софтверот, би гласела народната поговорка прилагодена во врска со актуелниот хардвер и софтвер во МВР.