Четврта недела по пасха
Во овој ден го празнуваме празникот на Самарјанката, бидејќи тогаш Христос јавно Себеси се објави за Помазаник, односно Месија на еврејски (од зборот меса што значи елеј), односно Христос на грчки јазик.
Сограѓаните на Самарјанката, откако Спасителот поминал кај нив два дена, ѝ говореле: „Сега не веруваме поради твоите зборови, туку самите чувме и познавме дека Он е навистина Спасителот на светот, Христос.“ И кај сите е така. Најпрвин со надворешно слово биваат призвани кон Господа (или како што е сега кај нас, од раѓање се вбројуваат помеѓу христијаните), а потоа кога на дело ќе вкусат дека во Господа има живот, тогаш не заради надворешната припадност кон христијанското општество се држат до Господа, туку заради внатрешната поврзаност со Него.
Така, сите кои се раѓаат во христијанско општество, потребно е во себеси да го воспостават законот, односно да не се ограничуваат само со надворешната припадност кон Господа, туку да се погрижат и за внатрешната поврзаност со Него, за потоа постојано да носат во себе сведоштво за тоа дека тие стојат во вистината.
Што е потребно за тоа? Потребно е да ја воплотат во себе вистината Христова. Вистината Христова е подигнување на паднатиот. Па така, остави го стариот човек, којшто тлее во прелесните телесни похоти, и облечи се во новиот, создаден според Бога во правда и преподобие на вистината, та самиот во себе ќе знаеш дека Господ Иисус Христос е навистина Спасител, не само општо, на светот, туку и на тебе лично.