Собранието на Република Македонија денеска ќе одржи седница на која пратениците ќе им поставуваат прашања на премиерот и на министрите.
Оваа седница вообичаено се одржува секој последен четврток во месецот, но поради патувањето на премиерот Зоран Заев беше одложена за денеска. Според воспоставената практика први прашања ќе поставуваат пратениците од опозицијата.
Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска треба да одржи редовна понеделничка средба со координаторите на пратеничките групи, после која треба да биде објавено дали на 5 јули, четврток или на 6 јули, петок ќе се одржи седницата на која повторно треба да се гласа законот за ратификација на Договорот со Грција за спорот за името.
Џафери ова го најави на средбата со новинарите одржана во петокот, откако претседателот Ѓорге Иванов го врати законот за ратификација на Договорот без потпшишан Указ и со образложение на причините зошто го прави тоа. Претседателот на Собранието на истата средба кажа и дека по изгласувањето, Договорот, но и Законот за употреба за јазиците, кој исто така не е потпишан од Иванов, ќе ги прати во Службен весник. Едно од решенијата е тие да бидат пратени во Службен весник само со потпис на Џафери.
Неделава треба да се очекува и разрешница во врска со составот на Државната изборна комисија. Огласот е завршен, а треба да биде свикана седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата и да бидат соопштени имињата на нејзините членови. Во јавноста веќе циркулираат имињата на потенцијалните кандидати.
Потоа тие треба да се изгласаат на собраниска седница. Џафери рече дека доколку биде известен дека партиите номинирале членови, може да свика итна пленарна седница исто така неделава. Доколку не се случи тоа, следната пленарна седница е планирана за 17 јули.
Собранието мора да избере членови на ДИК, имајќи ги предвид најавите за одржување референдум за името којшто за да се одржи на крајот на септември или почетокот на октомври треба да биде распишан до крајот на јули. Референдумот се одржува 60 до 90 дена од донесувањето на одлуката на Собранието.
Освен членови на ДИК, Собранието треба да даде зелено светло и за директор на Оперативно-техничката агенција, за што огласот исто така заврши одамна, како и да избере членови на некои други тела и агенции.