На 72-годишна возраст почина поранешниот директор на Националниот историски музеј Божидар Димитров, објави новинската агенција ФОКУС.

Историчар по образование, тој беше министер без ресор, одговорен за Бугарите во странство во првиот кабинет на Бојко Борисов.

Починал пред зградата во која живее. Одеднаш се фатил за градите и паднал на земјата, јавуваат бугарските медиуми.

Неговите блиски претпоставуваат дека станува збор за белодробна емболија.

Починал додека ја чекал ќерка си Марија. Денеска и бил роденден и таа требало да помине и да ги земе родителите за да одат и заедно да прослават.

Тие што го познаваат, вклучувајќи и многумина во Македонија велат дека стануав збор за исклучителен човек. Во однос на Македонија, се разбира, неговите ставови беа исти – негаторски – какви што се впрочем и ставовите на сите бугарски историчари.

Според бугарските медиуми, Божидар Димитров страдал од срцева маана и неколку пати бил во болница. Тој беше еден од историчарите кој што тврдеше дека во Созолпол се најдени останки од св. Јован Крстител.

Еден од последните новинари од Македонија кој имаше средба со него беше Бранко Ѓорѓевски, од тогашната редакција на Дневник. Тој беше гостин на Димитров, со цел да направи репортажа од изложбата на историски реликвии во бугарскиот Музеј со кој раководеше Димитров, а меѓу кои имаше и многу однесени од Македонија.