Преговорите за напуштањето на ЕУ од страна на Велика Британија ќе бидат главна тема на разговорите на шефовите на држави и влади на ЕУ на самитот в четврток и петок.
Британската премиерка е поканета на вечера со останатите 27 лидери и претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск во среда вечер.
Преговорите стануваат сѐ помакотрпни и ризикот Брегзит да се случи без претходен договор е сѐ поголем, поредупред Тукс во писмо до лидерите пред Самитот.
– Како што стојат работите денеска, се покажа дека е посложено од тоа што некои очекуваа. Мораме да зачуваме надеж и да останеме одлучни бидејќи има добра волја од двете страни да се продолжи со разговори, напиша Туск, но предупреди дека сите мора да се подготват за најризичното сценарио, а тоа е Брегзит без договор, што станува најверојатната опција, според претседателот.
Брегзит без договор е сценариото од кое сите стравуваат бидејќи со себе носи најголема неизвесност.
Кога започнаа преговорите по референдумот во 2016, целта беше ЕУ и Лондон да успеат да се договорат за сите аспекти на Брегзитот за напуштањето да се одвива на уреден начин и врз основа на заеднички трговски договор.
Но, прашањето со Ирска е најголемиот камен на сопнување и до сега страните не успеваат да изнајдат компромис.
На ирскиот остров кој е поделен на независна Република Ирска, членка на ЕУ, и регионот Северна Ирска, дел од Велика Британија, мора по секоја цена да се избегне исцртување на јасна граница, од економски причини, како и од историски поради долгогодишната граѓанска војна на овој остров.
Истовремено, Северна Ирска одбива секакво решение кое де факто би значело таа да остане дел од европската царинска унија. Брисел за сега нуди „бекстоп“, или транзициска фаза за време на која цела Ирска би останала дел од царинската унија на ЕУ.
За ЕУ ваквото решение ја намалува потребата од гранични контроли истовремено сочувувајќи го интегритетот на европскиот заеднички пазар и неговите стандарди. Но Белфаст и Лондон сметаат дека останувањето на Северна Ирска во европската царинска унија претставува закана врз уставниот поредок на Велика Британија и дека на тој начин се исцртува невидлива морска граница помеѓу Северна Ирска и остатокот од британската унија.
Велика Британија треба да ја напушти ЕУ на крајот на март 2019. За тоа да може да се случи на уреден начин и да се избегне можен хаос на границите, потребен е договор за Брегзит до ноември, смета ЕУ.