Власта неделава ќе го пушти во сообраќај новиот автопат Миладиновци – Штип, што го изгради претходната и чие пуштање во употреба се одолговлекуваше.
Според најавата од надлежните институции, автопатската делница во должина од 47 километри ќе биде ставен во функција со времен режим на деловите каде се планира изградба на две патарини.
Изградбата на автопатот почна во февруари 2014 година, со инвестиција во износ од 206 милиони евра, обезбедени од кредит од кинеската ЕКСИМ банка и буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта.
Слично беше и со делницата од Демир Капија до Гевгелија, чие пуштање во употреба се одолговлекуваше, иако автопатот беше речиси стопроцентно завршен. И на крајот беше пуштен со познатите игри и чочеци пред тунелите на оваа делница.
Откако дојде до промена на централната власт, почна пролонгирањето на роковите на проекти кои беа речиси завршени или завршен беше поголемиот дел од работите.
Следуваше потпишување анекс-договори по донесениот закон за изменување и за дополнување на законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и на Кичево – Охрид, со кој рокот за завршување на автопатот Миладиновци – Штип наместо до први мај 2017 година се продолжува до 30 септември 2018 година.
– Автопатот Миладиновци – Штип, во согласност со претходниот договор, требаше да биде завршен до 1 мај 2017 година, но, за жал, не беше завршен во предвидениот рок. Наша цел е да се заврши оваа делница, Собранието ги донесе неопходните законски измени и дополнувања, а денеска го потпишавме и анекс-договорот со кој се продолжува изградбата на делницата Миладиновци – Свети Николе – Штип до 30 септември 2018 година, односно рокот за завршување на работите се пролонгира за 517 дена – изјави тогаш вицепремиерот Кочо Анѓушев.
Потпишувањето на анекс-договорот помеѓу Владата и Синохидро е во согласност со законските измени и дополнувања донесени од Собранието.
Автопатот Миладиновци – Штип беше планирано да биде пуштен во сообраќај уште минатата година