Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, рече дека кога е во прашање ситуацијата на северот на Косово, потребно е единство, фокусирање на деескалација и изнаоѓање остварливи решенија. Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар вели дека европскиот план за решавање на косовското прашање е добар и не се приклонува кон ниту една страна, пренесува РТС.

Во, како што вели, отворен и сериозен разговор, претседателот Александар Вучиќ на својот француски колега Емануел Макрон му ги претставил последиците од опасниот развој на ситуацијата на Косово и Метохија.

„Сега веќе нескриеното насилство насочено против Србите на Косово и Метохија сè појасно ја оддалечува секоја можност за цивилизиран разговор и пристап кон решавање на отворените прашања. Нагласив дека Србија останува посветена на дијалогот и на мирот, иако српската заедница на Косово и Метохија е единствената етничка група во Европа која е изложена на постојано насилство. Го замолив претседателот Макрон да вложи дополнителни напори за приштинската страна да се вразуми и што поскоро да се врати во рамката на конкретни разговори, како и да престане да ги прави бесмислени сите напори насочени кон деескалација на ситуацијата“, рече Александар Вучиќ.

По неколкунеделни немири на северот на Косово, специјалниот американски пратеник за Западен Балкан потсетува на европскиот план од три точки за излез од кризата. За него тоа е најдоброто решение и апелира до Белград и Приштина да го прифатат.

„Имаме позитивни индикации дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ е подготвен да го прифати, но Албин Курти треба уште малку да се убеди. Двете страни ќе изгубат бројни можности доколку не ги исполнат барањата на меѓународната заедница за смирување на ситуацијата. За Приштина тоа значи оддалечување од блиските меѓународни и партнери во регионот, а за Белград оддалечување од влезот во Европската унија“, вели Габриел Ескобар, специјален претставник на САД за Западен Балкан.

„Што се однесува на планот за деескалација, тој план го знам напамет, точките што се однесуваат на Белград и Приштина од трите најважни точки Србија има направено две, а една не е направена бидејќи се работи истовремено со Приштина симултано повлекување на градоначалниците и луѓето од околината на општините. Србија го исполни останатото“, изјави претседателот Александар Вучиќ.

Одговор на кризата седница на Советот за безбедност на ОН

Како одговор на кризата, Вучиќ неодамна најави дека Србија ќе побара итна седница на Советот за безбедност на ОН. Секој чекор кон решение на ситуацијата, како и дијалогот меѓу Белград и Приштина, мора да се води во рамките на меѓународното право врз основа на резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, се наведува на веб-страницата на руското МНР.

„Иницијативата на претседателот на Србија да се одржи седница на Советот за безбедност на ОН во врска со влошувањето на ситуацијата на Косово и Метохија е навремена и Москва ја дели оценката на Вучиќ за актуелната кризна состојба“, изјави Марија Захарова, портпаролка на руското Министерство за надворешни работи.

Според процедурата, една од 15-те членки на СБ поднесува барање, по што се гласа за внесување на предлогот на дневен ред на седница. Во Белград пред неколку дена беше премиерот на Албанија, која е непостојана членка и има право на глас. Според Еди Рама, за таа тема ќе одлучи по консултација со своите сојузници.

„Ние сме земја свесна за нејзината големина, не сме велесила и не се однесуваме така. Сепак, имаме среќа да бидеме во сојуз со суперсили и сè што правиме на Советот за безбедност е резултат на консултација со нив. Сакам повеќе да се запознаам со оваа идеја“, вели Еди Рама, премиер на Албанија.

Шефот на италијанската дипломатија побара од Србија да направи се за да се одржи стабилноста во регионот, ги пренесува претседателот деталите од телефонскиот разговор со Антонио Тајани. Италија, истакнува, секогаш е подготвена да го поддржи мирот.

(Недељник.рс)