Неефикасноста во системот на Европската унија за враќање на илегалните мигранти во нивните земји на потекло има спротивен ефект од оној што е наменет, се наведува во Извештајот на специјалните ревизори.
Наместо да ги одвраќаат луѓето од патувањето кон Европа, тие всушност се охрабруваат да го сторат тоа, според Европскиот суд на ревизори (ЕЦА), пренесува Еуроњуз.
Од 2008 година досега, на околу половина милион државјани кои не се од ЕУ им е наредено да ја напуштат унијата бидејќи влегле или престојувале без дозвола. Меѓутоа, во пракса, помалку од еден од пет илегални мигранти се враќаат во своите земји надвор од Европа. Ова е заклучокот од новиот специјален извештај објавен од Европскиот суд на ревизори.
Судот го објави својот извештај и очекува тој да се искористи во претстојните дискусии за новиот Пакт на ЕУ за миграција и азил. Една од причините за ниското ниво на враќање е тешкотијата за соработка со земјите на потекло на мигрантите.
ЕУ веќе склучи 18 законски обврзувачки договори за реадмисија и започна официјални дискусии со шест други земји. Соработката на ЕУ со земјите надвор од Унијата досега ефективно не помогна да се вратат илегалните мигранти од територијата на ЕУ во нивните земји. Покрај тоа, акцијата на ЕУ не е доволно оптимизирана за да им овозможи на земјите кои не се членки на ЕУ во практика да се придржуваат кон нивните обврски за реадмисија.
Според главниот ревизор Лео Бринкат, сегашниот систем за враќање во ЕУ има многу слабости, што всушност имаат спротивен ефект – охрабрување, наместо одвраќање на имигрантите кои илегално престојувааат“.