Албанскиот премиер Еди Рама информираше дека се обезбедени 1,6 милиони дози вакцини за 800 илјади граѓани преку Ковакс од Фајзер и оти се во преговори и со други компании.

Тој најави и дека по видно влошената епидемиолошка состојба со Ковид-19 во Албанија, утре Комитетот на експерти за справување со пандемијата ќе донесена одлука за заострување на рестриктивните мерки.

Рама додаде дека тоа доаѓа по повеќедневните разговори и направени анализи, кои потврдуваат дека во просек дневно од почетокот на месецов се регистрираат по над 1.050 новозаразени.

-Комитет се состанува утре. Ги слушнавме, тие се загрижени. Ќе има заострување на мерките. Тие инсистираат на тоа дека треба да се спроведат мерките како што е зголемување на казната за неносење заштитна маска и поголема ангажираност на полицијата, како и продолжување полициски час. Може да додадеме и други мерки, рече Рама.

Иако не прцизира, медиумите пренесуваат дека полицискиот час кој од 11 ноември трае од 22:00 до 6:00 часот ќе биде зголемен за четири часа односно ќе почнува во 18:00 часот.

-Повеќе од бројките, позагрижувачка појава е неспроведувањето на тековните мерки што доведуваат до други проблеми.Мерките не можат целосно да спречат инфекции, но го намалуваат нивното темпо со тоа што системот ќе одговори на потребата на луѓето да добијат здравствена заштита, додаде Рама.

МИА