Глобалните климатски промени, економските проблеми, политичката нестабилност, епидемиите и конфликтите ја заострија кризата со храна ширум светот, отежнувајќи го пристапот до прехранбени продукти за стотици милиони луѓе.
Војната во Украина и блокадата на извозот на жито го влоши проблемот со гладта во светот, покрај локалните воени конфликти, големите суши, прекумерното трошење на ресурсите, негрижата на богатите држави, неможноста да се достави хуманитрана помош…
Хуманитарните агенции се трудат да се подготват за уште покритични нивоа на глад, бидејќи се соочуваат со годишен јаз од 14 милијарди евра во трошоците за безбедноста на храната. Руската интервенција во Украина, европската житница, сериозно ги потресе светските пазари на храна. Триесет и шест земји се потпираат на Украина и Русија за повеќе од половина од нивниот увоз на пченица. Повеќе од 60 држави се борат да платат за увоз на храна. Високите цени на енергијата и нестабилноста на пазарите на храна извршија дополнителен притисок врз земјите во развој кои немаат пари.
Поставената цел на ОН да се стави крај на гладот до крајот на деценијата, изгледа подалеку од кога било.
Во ноември, светската полулација ја надмина бројката од осум милијарди луѓе. Според податоците на Светската здравствена организација и на Агенцијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО), од глад или болести поврзани со недостиг на храна, годишно во светот умираат 9 милиони луѓе, од кои една третина се деца, а половината се под петгодишна возраст.
Со тешкотии во пристапот до храна или потхранети се 860 милиони луѓе, пред се во Африка и Азија. Две милијарди имаат недостаток на микронутриенти – витамини и минерали, а милиони деца страдаат од заостанување и слабеење, смртоносни форми на недоволна исхранетост.
Дебели или со прекумерна тежина над 2 милијарди луѓе
Наспроти тоа, огромни количини храна се фрлаат, и се зголемува бројот на дебели и луѓе со прекумерна тежина. Околу 815 милиони лица во светот се дебели, а 1,73 милијарди имаат прекумерна тежина, најголем дел во богатите и развиени земји.
Само во САД, на програми за слабеење годишно се трошат над 60 милијарди долари.
Според податоците на Обединетите нации, околу милијарда тони храна секоја година завршуваат во ѓубре. Дури една третина од целата храна произведена на глобално ниво се губи или се фрла. Околу 61 отсто од храната која се фрла е од домаќинствата, 28 проценти од ресторани и 13 од маркети.
Сликовито прикажано, количината на храна што се фрла годишно, може да наполни 23 милиони камиони, кои ако се поредат еден по друг, би формирале колона доволно долга за да ја обиколи Земјата седум пати.
Храната што се фрла и се троши залудно е повеќе од доволна за да се нахранат сите гладни во светот.
Македонија не е исклучок
Податоците на специјализираните агенции и статистички институции, покажуваат дека и земјава не е исклучок од глобалниот тренд. Секој поединец во земјава, според Извештајот за индексот на фрлена храна на ОН, во просек фрла околу 83 килограми храна годишно. Македонија е рангирана на осмото место во светски рамки по количина фрлена храна според бројот на жители. Околу 30 отсто од храната произведена или увезена во Македонија никогаш не се консумира.
Процените се дека фрламе меѓу 10 и 12 илјади тони храна со кои може да се обезбедат по три оброка дневно за 26.000 граѓани, а вкупните вишоци надминуваат 100.000 тони.