Неколку лица се повредени во напад со меч што се случи во училиште во шведскиот град Фагерста, во централниот дел на земјата, соопштија локалните власти, додека медиумите јавија дека полицијата го застрелала и го привела напаѓачот.

„Добивме дојава за сериозен насилен инцидент во училиште во Фагерста. Полициските екипи веднаш излегоа на терен“, се наведува во соопштението на шведската полиција.

Според информациите од општината Фагерста, напаѓачот бил вооружен со меч и успеал да повреди неколку лица пред да биде совладан.

Засега не се соопштува точниот број на повредени, ниту степенот на нивните повреди, а шведските медиуми потврдуваат дека полициските службеници употребиле огнено оружје за да го неутрализираат и приведат напаѓачот.

Полицијата и итните служби продолжуваат со интервенцијата на местото на настанот, а мотивите и околностите за нападот сè уште се предмет на истрага. Органите на редот упатија апел до граѓаните да ги почитуваат поставените безбедносни барикади и доследно да ги следат упатствата на службените лица.

МИА