Јапонија денеска ја прекина употребата на 1,63 милиона дози од вакцината против коронавирусот на компанијата „Модерна“, откако беше откриено дека во некои ампули има непознати материјали.
Јапонското Министерство за здравство соопшти дека примило извештаи од неколку центри за масовна вакцинација, во кои се наведува дека е откриено дека во одредени неискористени дози на вакцината на „Модерна“ се наоѓаат „ непознати материјали“.
Јапонскиот производител на лекови „Такеда фармасјутикал“, задолжен за дистрибуцијата и продажбата на вакцините на „Модерна“ во земјата, соопшти дека како мерка на претпазливост ја суспендира употребата на околу 1,63 милиона дози произведени во истата производствена лента, пишува агенцијата Кјодо.
Министерството за здравство и оваа компанија наведуваат дека допрва треба да ги проучат извештаите за можна нарушена безбедност на вакцината.
Според Министерството, „Модерна“ ветила дека веднаш ќе отвори истрага.
Извештаите за контаминација стигнаа од осум центри за вакцинација во пет јапонски префектури, а присуството на туѓи материи беше потврдено во 39 ампули.