Новозаландските здравствени власти денеска информираа дека по тримесечно затишје, коронавирусот повторно почнал да се шири низ земјата. Премиерката Џасинда Ардерн во текот на денот ќе каже дали ќе бидат продолжени вонредните мерки во Оукленд.
Здравствените власти соопштија дека се регистрирани нови 12 случаи на Ковид-19, кои се поврзани со истиот случај од пред два дена, меѓу членови на едно семејство во Оукленд. Властите велат дека вирусот бил донесен од странство и истражуваат како дошол до семејството во Оукленд.
Министерот за здравство Крис Хипкинс изјави дека со тестирање на геноми на најновиот вирус, утврдено е дека тој дошол од Велика Британија или Австралија, но допрво треба да се утврди на кој начин стасал до заразеното семејство. Тој ги отфрли шпекулациите на некои експерти дека вирусот „тивко се ширел низ Оукленд со недели наназад“, посочувајќи дека постојат сигурни докази дека таа претпоставка не е точна.