Двајца работници починаа, а еден е пренесен во болница откако врз нив паднала земја при вршење на ископ на земјиште со багер на улицата „Кемал Сејфула“, спроти поликлиниката „Чаир“ во Скопје.
Полицијата соопшти дека настанот се случил денеска околу 11 часот при вршење на ископ на земјиште со багер за водоводна мрежа, при што дошло до лизгање на земјиштето и притоа во каналот од лизгањето затрупани се три лица кои работеле на ископот. Две од затрупаните лица на возраст од 26 и 28 години починале на лице место, додека третото лице (54 години) со возило на Итната медицинска помош е пренесено во ГОБ „Наум Охридски“ за укажување лекарска помош.
На местото на настанот испратени се екипи од итната медицинска помош и екипа на Бригадата за противпожарна заштита. Смртта на починатите ја констатирале лекари од итната медицинска помош. Известени се јавното обвинителство и трудов инспектор.
Општина Чаир изрази сочувство до семејството на настраданите во денешната несреќа. Информираат дека на местото на настанот веднаш излегле инспектори од Општина Чаир за да ја потврдат фактичката состојба и за да констатираат дали се испочитувани сите предвидени законски норми за овој вид на работи од страна на изведувачот.
– Според изготвениот записник од страна на инспекторите на терен, започнатите работи за вклучување во подземната инфраструктура немале дозвола за нивно спроведување и истите се започнати во текот на денешниот неработен ден – сабота, се наведува во соопштението од Општина Чаир.