Десет работници се повредени при изведување на градежни активности на локација на улиците „Васко Карангелевски“ и „АВНОЈ“ во Куманово, информираат денеска од Општата болница Куманово, а случајот го потврди и СВР Куманово.
Повредените работници се префрлени во кумановскиот Ургентен центар и од нив двајца, според директорката на болницата Снежана Захариева, се префрлени на Ургентен центар на скопските клиники.
-На останатите работници им се пружа помош во кумановската Општа болница. Се вршат испитувања и нивната здравствена состојба и понатаму ќе се следи, изјави директорката Захариева.
Од СВР Куманово потврдија дека кај нив е пријавен случај дека има повредени градежни работници и информираа дека екипите се на терен и вршат увид.
Засега нема подетални информации како дошло до несреќата.