Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху нема да патува во Соединетите Американски Држави следната недела, бидејќи погребот на американскиот сенатор Линдзи Греем е одложен за крајот на месецот, соопшти кабинетот на израелскиот премиер.
Во меѓувреме, повеќе од 100 пратеници од Демократската партија во Претставничкиот дом на САД гласаа за прекин на доделувањето милијарди долари воена помош за Израел во следната фискална година.
Предлогот не беше усвоен, но доби значително поголема поддршка во споредба со сличните иницијативи во изминатите години. Гласањето главно беше оценето како симболично.
Амандманот предложен од републиканскиот пратеник Томас Маси, со кој се бараше укинување на воената помош за Израел во вредност од околу 3,3 милијарди долари, беше одбиен, откако на синоќешното гласање 314 пратеници се изјаснија против, а 104 го поддржаа предлогот.
Маси беше единствениот републиканец кој гласаше за амандманот, додека широкото противење од страна на останатите републиканци обезбеди негово отфрлање.
Предлогот беше дел од дебатата во Претставничкиот дом за финансирањето на Стејт департментот на САД и на агенциите задолжени за национална безбедност.
Од вкупно 215 демократи во Претставничкиот дом, 103 гласаа за амандманот, а десет беа воздржани, што значи дека речиси половина од демократската пратеничка група го поддржа прекинот на воената помош за Израел.
Гласањето ги нагласи растечките поделби во Демократската партија околу политиката на САД кон Израел.
Додека раководството на Демократската партија продолжува да ја поддржува воената помош за Израел, прогресивното крило на партијата сè почесто бара нејзино прекинување, повикувајќи се на војната во Појасот Газа како главен аргумент.
Војната во Газа беше предизвикана од нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година, извршен од палестинската исламистичка група Хамас и од други екстремистички организации. Конфликтот заврши со примирје две години подоцна.




